Реномираниот македонски режисер Дејан Пројковски подготвува голем музичко- сценски спектакл на отворено, поточно мјузикл со над сто уметници на сцена, во чест на 35 години независност на Македонија, во соработка со „Авалон продукција“ и “ОХО продукција“ и со поддршка на Владата.
-Самиот проект е замислен како –музичко сцнски перформанс на тема 35 години независност на Македонија, односно 35 години на сите важни моменти кои што нè обединуват, нè прават горди и среќни, односно се она што е важно во овие 35 години, се разбира низ една уметничка перспектива. Музичко – сценскиот перформанс нема да има задача да биде некаква хронологија, односно да се занимава со реалното време. Всушност создаваме една уметничка реалност каде што низ едно музичко – сценско патување ќе патуваме низ тие 35 години, обидувајќи се од два агли да ја гледаме независноста. Едниот агол е генарацијата која беше директен учесник во тоа, а другата е младата гнерацијата која ја наследува независноста. Значи, ќе се обидеме низ еден уметнички начин да ги споиме генерациите и да направиме еден мост, посочи идејниот творец на проектот Пројковски на денешната прес –конференција во Македонската опера и балет.
Она што е интересно истакна, е што настанот ќе биде еден од најголемите сценски спектакли на отворено, всушност 35 години независност на Македонија ќе биде инспирација на еден голем број музичари, пејачи, актери…, каде што тие ќе се обидат да создадат слики од кои еден дел се веќе колективна меморија.
-Ќе ги споиме се разбира и сите уметности, а ќе се зaнимаваме и со ликовната уметност, со филмот, поезијата и литературата, одноно ќе исплетеме една мрежа со која ќе ја создадеме таa сценска естетика, истакна Пројковски.
Тој додаде дека освен големиот број на уметници на сцената ќе има и сериозна техника и технологија.
-Ќе бидеме еден визуелен празник за сите. Игор Џамбазов ќе биде главниот лик што ќе не води низ приказната низ тие 35 години, кажа режисерот.
Актерот и шоумен Игор Џамбазов кажа дека е среќен и почестен што е одбран да биде церемонијал – мајстор на овој мултимеијлен спекткл кој се подготвува со големо внимание, радост и одговоност.
-Ќе се обидеме овој празник да важи за сите граѓани на независна Република Македонија, за сите оние што се чувствуваат лојални граѓани на оваа држава. Во настанот ќе бидат вметнати и големите успеси на државата, на нашиот спорт и на нашата уметност. Ќе се обидеме да правиме муабет за убавите работи, тоа е модерно во последните шест месеци. Би сакал на оваа прослава да се радуваме на нашето постоење и на постоењето на нашата држава, додаде и Џамбазов…
Портпаролката на Владата Марија Митева, пак, ја објасни определбата на Владата за еден ваков грандиозен проект.
-Јас несомнено тврдам дека интернационалните ѕвезди се вредни за почит, но македонските уметници, македонската култура се оние коишто го носат духот на една нација и сум исклучително горда и јас, но и целата Влада што еве успеавме да влеземе во една ваква организација преку еден ваков проект каде што над 120 македонски уметници ќе бидат дел од за мене можеби најважниот проект во овој дел за 35 години независност на Република Македонија, посочи на прес-конференцијата Митева.
Инаку, ова е третиот голем проект за прославата на 35 години независност на Македонија. Покрај мјузиклот кој што ќе се изведе во повеќе градови низ државата во август и септември, на стадионот „Тоше Проески“ ќе гостува Дејвид Гета, а на плоштадот Македонија ќе настапи шпанскиот тенор Хозе Карерас.











