Во Кинотеката на Македонија, на 10 мај со почеток од 20:00 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Респект“ од 2005 година.
„Респект“ е краток документарен филм за македонската драм енд бејс (drum and bass) музичка сцена во периодот на почетокот на 21 век. Филмот е реализиран во продукција на Академскиот кино клуб од Скопје, со поддршка од организацијата Macedonian Junglist Movement.
Автори на филмот се Мице Чаповски (режија) и Жана Живадиновиќ / Арангел Ангов (сценарио). Главните протагонисти на овој филмски и музички проект се тогашните активни диџеите: Емил Хаџипанзов, Дарко Степиќ, Димитар Ризов, Горан Голубовски, Трајче Петрушевски и Илија Чулев. Преку нивните документарни разговори пренесени во филмот се дознава што всушност претставува овој тип на електронска музика, каква е нејзината распространетост и популарност во Македонија, која е нејзината публика, проблемите со коишто се соочува, и која е пораката што ја пренесуваат главните актери во филмот. Покрај многуте правци од ваквиот тип на музика, и фактот дека современата електронска музика во тој период е веќе дел од поп-културата, drum and bass (или jungle) жанрот останува да биде специфичен на свој начин, нудејќи поврзување на многубројни музички стилови во уникатно музичко доживување.
-„Респект“ претставува своевиден извадок, документ, којшто во вистинско светло ќе ви ја долови атмосферата на тогашната македонска драм енд бејс сцена. Низ филмот гледачите ќе можат да ја почувствуваат електронската музичка сцена во Скопје и Македонија во периодот од пред 20 години. Во филмот диџеите преку своите искуства презентираат што всушност претставува драм енд бејс музиката, кои се позитивните работи на таа музичка сцена, проблемите со коишто се соочуваат, и најважно, пренесуваат една генерална порака за музичката култура, се посочува за филмот.
По проекцијата на кратката верзија од овој музички документарец, ќе следи дискусија со авторите на филмот и дел од диџеите коишто учествуваа во него, каде што тема на разговор ќе биде развојот на македонската драм енд бејс сцена.
Влезот е слободен.