Октомврискиот самит на ЕУ заврши без конкретна порака за деблокирање на македонските евроинтеграции, а и перспективата на Црна Гора беше проследена со неизвесност околу роковите за затворање на преговарачките поглавја. Европските лидери го потврдија принципот на напредување врз основа на заслугите и потребата од реформи, но во фокусот ја ставија внатрешната подготвеност на Унијата за проширување. Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, предупреди дека пристапниот процес не треба да се билатерализира, а хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, ја бранеше позицијата на Хрватска во однос на Црна Гора, посочувајќи ги Грција и Бугарија како земји што го забавиле европскиот пат на Македонија. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски порача дека е можен договор со Софија, но дека Владата нема да прифаќа нови отстапки без јасна перспектива за напредок кон членство
ЕВРОПСКАТА ИДНИНА ЗАГЛАВЕНА МЕЃУ РЕФОРМИТЕ И ВЕТОТО
Октомврискиот самит на Европската Унија во Брисел заврши без конкретно споменување на Македонија и нејзините евроинтеграции во официјалните заклучоци, со што повторно изостана политички сигнал за деблокирање на македонскиот пристапен процес. Црна Гора, пак, иако беше издвоена како земја со конкретна перспектива за напредок, европските лидери, по интервенцијата од Хрватска, ја исклучија од заклучоците јасната временска одредница за затворање на сите преговарачки поглавја на земјата до крајот на годинава. Наместо перспективите на земјите кандидати, во центарот на европската агенда се најде прашањето колку е подготвена самата Унија за идно проширување и какви внатрешни промени се потребни за функционирање на ЕУ со поголем број членки.

Во делот посветен на проширувањето, европските лидери ја потврдија определбата за пристапување врз основа на исполнетите критериуми и индивидуалниот напредок на секоја земја кандидат. Истовремено, тие посочија дека проширувањето бара подготовка на двете страни, што подразбира продолжување на реформите во земјите што претендираат на членство, но и преиспитување на приоритетите, политиките и институционалните механизми на Унијата. За Македонија, која сè уште се соочува со блокада на почетокот на преговорите, ваквите пораки не донесоа конкретен исчекор, ниту навестување за надминување на спорот со Бугарија.
Лидерите на земјите членки на Унијата, во заклучоците објавени по состанокот, ја нагласуваат „континуираната важност на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“.
– Проширувањето претставува двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани и за намалување на разликите меѓу земјите, а истовремено мора да ги поттикнува вредностите врз кои е основана Унијата. Со оглед на перспективата за дополнително проширена Унија, и идните земји членки и ЕУ треба да бидат подготвени во моментот на пристапувањето. Земјите што се стремат кон членство треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со принципот на напредување врз основа на сопствените заслуги и со помош на ЕУ. Паралелно со тоа, Унијата треба да напредува во внатрешната работа и реформите, да ги дефинира своите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување, како и да се осврне на клучните прашања поврзани со нејзините приоритети, политики и капацитет за дејствување. Ова ќе ја направи Европската Унија посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет, заклучиле европските лидери.
Во заклучоците, Европскиот совет потсетува дека процесот на пристапување се заснова на постигнатите резултати и дека секоја земја кандидат напредува во преговорите за пристапување врз основа на сопствениот индивидуален напредок. Во тој контекст, Европскиот совет ја зема предвид Комуникацијата на Европската комисија насловена „Подготовка за проширување на Унијата“ и го повикува Советот да ги анализира сите области опфатени во неа и, врз основа на таа анализа, да продолжи со понатамошните активности. Европскиот совет ја поздравува тековната работа на изготвувањето на нацрт-договорот за пристапување со Црна Гора. Тој ја забележува намерата на ирското претседателство со Советот да работи на привремено затворање на преостанатите преговарачки поглавја, под услов Црна Гора да ги спроведе соодветните реформи.
Грција и Бугарија ѝ украдоа на Македонија 21 година

На прашањето за проширувањето на ЕУ поконкретно се осврнаа високата претставничка за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, но од различни позиции. Калас предупреди дека процесот на пристапување не треба да се претвора во инструмент за билатерални спорови, нагласувајќи ја пошироката безбедносна и геополитичка важност на приемот на нови членки. Пленковиќ, пак, го бранеше пристапот на Загреб кон преговорите со Црна Гора, правејќи разлика меѓу хрватските барања и блокадите со кои се соочува Македонија. Двете изјави повторно го отворија прашањето за примената на принципот на заслуги и влијанието на билатералните несогласувања врз европската перспектива на земјите кандидати.
– Во однос на ова прашање, навистина е важно да не го билатерализираме процесот на проширување. Ако го погледнеме процесот на проширување како таков, Европа е многу мал континент. Всушност, треба да бидеме посилни заедно со земјите што се дел од Европа. Во понеделникот имавме дискусија со министрите за надворешни работи, меѓу другото, и за безбедносните аспекти на проширувањето, како и за тоа што овие земји ѝ носат на безбедноста на Европската Унија откако ќе станат нејзини членки“, изјави Калас.

Пленковиќ ги убедуваше европските колеги дека Загреб принципиелно се однесува со Подгорица, за разлика од „две европски земји“ кои ѝ одзедоа на Македонија 21 година од институционалното приближување кон ЕУ.
– На пример, ја имате Северна Македонија која во 2000 година беше пред Хрватска во институционален поглед, а сè уште не ги отвори преговорите. Постојат две држави, кои од 2005 до 2026 година одзедоа 21 година од институционалното приближување на Северна Македонија во ЕУ. Хрватска не го презеде тој пристап. Наспроти тешкото наследство, ние кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно и ги издвоивме оние точки за кои сметаме дека треба да ги исполнат, кои, како идни членови на ЕУ, треба да ги преземат како европски вредности, изјави хрватскиот премиер во Брисел.
Скопје не влегува во процес без јасен крај
Ставот на македонските власти и барањето за предвидливост на процесот е добро познат. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски изјави дека е можно решение со Софија, но уште еднаш потврди дека нема да влезе во процес без јасен крај, а Владата, истакна, ќе продолжи да ги спроведува реформите.
– Вие ме прашувате дали има можности, јас ви велам дека има. Доколку имаме партнерски однос, можно е. Доколку немаме партнерски однос, односно доколку продолжат со булингот, со позицијата „ние сме внатре, вие сте надвор“, тогаш нема договор. Ако навистина сакаат да видат сосед кој ќе биде дел од Европската Унија, а не сосед од кој ќе бараат решавање прашања од 11 век, 10 век, средниот век, за жал, немаме живи луѓе за да посведочат што се случило тогаш, а врз основа на историските факти што ги читаме, ние и тие имаме различни толкувања. Така што, сè додека постојат овие билатерални бариери, тешко дека ќе најдеме решение – оцени премиерот.
Тој нагласи дека Владата сака да најде решение и прави сè што е во нејзина моќ за да го почне преговарачкиот процес со ЕУ. Тој посочи дека Владата не разговара само за моменталната позиција на земјата во процесот на пристапување кон ЕУ, туку и за тоа како да се стигне до крајната цел – членство во Унијата.
– Ние сакаме конечно да го почнеме тој процес, но не по секоја цена и нема без глава да одиме во овој процес. Едноставно, ќе си ја градиме нашата позиција, бидејќи позицијата што ја имавме како држава пред три години и оваа што ја имаме денес се сосема различни работи. Јас никогаш нема да влезам во овој процес без да ги штитам безусловно интересите на моите граѓани. Јас сум премиер на сите граѓани. Тука не прифаќам поделба по етничка и по религиска, по партиска или непартиска припадност, рече Мицкоски.

Македонскиот пат кон Европската Унија со години е оптоварен со билатерални спорови што го одложуваат напредокот на земјава кон членство. По долгогодишната блокада од Грција поради спорот за името, која беше надмината со Преспанскиот договор и промената на уставното име во Северна Македонија, следуваше спорот со Бугарија, кој се одрази врз отворањето на пристапните преговори. Во јули 2022 година, ЕУ ја одржа првата меѓувладина конференција со Македонија, со што формално започна пристапниот процес, но отворањето на преговорите по кластери е условено со уставните измени. Бугарија инсистира на спроведување на преземените обврски, додека македонската Влада бара поголема предвидливост и гаранции дека исполнувањето на условите ќе овозможи непречено напредување кон членство.
Во меѓувреме, Црна Гора и Албанија остварија напредок во преговарачкиот процес. Црна Гора, која преговорите ги започна во 2012 година, се наоѓа во понапредна фаза и работи на затворање на преговарачките поглавја, но ни нејзината европска перспектива не помина без нови ограничувања. На октомврискиот самит, наместо очекуваната временска одредница за затворање на преостанатите поглавја до крајот на годинава, во заклучоците остана само условната формулација за продолжување на процесот, зависно од спроведувањето на реформите. (В. С. Н.)
Мицкоски: Случајот со Михаилова ќе го отвориме и пред партнерите во НАТО
Македонија има свои алатки и механизми за дејствување на меѓународната сцена, а целта е Ива Михаилова и нејзиниот татко, кој е првостепено осуден, да бидат изведени пред лицето на правдата, изјави премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи го случајот со Михаилова и ставот на бугарските власти дека нема да ја екстрадираат.
– Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаa во вода координираните напади кои доаѓаат oттаму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот, којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена. И повторно ќе го кажам она што го кажав вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, тоа е нивни проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата. Јас вчера кажав, еве и повторно, дека кога-тогаш, тоа ќе се случи, рече Мицкоски.
Тој посочи дека во тек е истрага и најави дека дел од доказите ќе им бидат презентирани на партнерите на Македонија во НАТО, со цел да се покаже однесувањето на земјите членки во вакви случаи.
– Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа, дел од тие докази што ги има, прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како се однесуваат партнерските земји во НАТО. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, ние, исто така, нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски.












