петок, октомври 16, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Леб и компир редовно на трпеза, за кино и театар нема пари!   

Леб и компир редовно на трпеза, за кино и театар нема пари!   

Двете потрошувачки кошници ја откриваат суровата реалност дека не се доволни приходите на граѓаните за покривање на основните животни трошоци. Најголем дел од семејниот буџет оди за храна, сметки и за превоз, додека за култура и за рекреација остануваат сè помалку средства. Лебот и компирот се меѓу најзастапените производи на трпезата, но најмногу пари се издвојуваат за месо, млечни производи и за јајца. Дури и две минимални плати не се доволни за покривање на владината потрошувачка кошница

2

Лебот и компирот се меѓу најзастапените производи на македонската трпеза, но најмногу пари за храна домаќинствата издвојуваат за месо, млечни производи и за јајца. Истовремено, за култура и за рекреација остануваат значително помалку средства, па посетите на кино и на театар сè потешко наоѓаат место во семејниот буџет. Високите трошоци за храна, сметки и за превоз дополнително ги оптоваруваат семејствата, па ниту две минимални плати не се доволни за покривање на владината потрошувачка кошница. Бројките ја отсликуваат финансиската реалност на граѓаните, кои трошат најголем дел од приходите за основни потреби, со сè помалку простор за други активности и за поквалитетен живот.

Според податоците на Државниот завод за статистика, просечно македонско домаќинство годишно троши околу 172 килограми леб и 64 килограми компир. Овие производи се меѓу основните продукти во секојдневната исхрана на семејствата. Но, кога станува збор за парите што се издвојуваат за храна, најголемиот трошок не е за леб и за компир, туку за месо и за други производи што се значаен дел од прехранбениот буџет.

Според „Статистичкиот годишник“ за 2025 година, просечно домаќинство годишно издвојувало околу 38.397 денари за месо и за месни производи, односно околу 3.200 денари месечно. За млеко, млечни производи и за јајца се трошат околу 30.411 денари годишно, додека за производи од жито, меѓу кои леб, брашно, ориз и тестенини, се издвојуваат 25.079 денари. За зеленчук годишниот трошок изнесува околу 21.373 денари. За овошје домаќинствата трошат околу 9.932 денари годишно, а за риба само 4.369 денари, што ја прави една од најмалите ставки во прехранбената потрошувачка.

Овие податоци покажуваат дека, иако лебот и компирот се често присутни во исхраната, најголем дел од парите за прехранбени производи се издвојува за месо, млечни производи и за јајца.

Вкупно, просечно домаќинство трошело околу 159.750 денари годишно за храна и за безалкохолни пијалаци, односно приближно 13.300 денари месечно. Оваа категорија учествува со околу 50,8 отсто во евидентираната структура на семејната потрошувачка, според податоците од „Статистичкиот годишник 2025“.

Високиот удел на храната во семејниот буџет го ограничува просторот за други потреби. Кога оди значителен дел од приходите за секојдневни набавки, сметки и за превоз, на домаќинствата им остануваат помалку средства за образование, култура, рекреација…

Во јавноста повторно почна дебатата за толку колку тежи потрошувачката кошница. Според пресметките на Владата, во август таа изнесувала 58.475 денари, односно за околу 10.200 помалку од синдикалната.

Според објаснувањето на министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, пресметката се заснова на официјалните статистички податоци и на пазарните цени и опфаќа 11 категории трошоци, а во пресметката се вклучени цените од осум града, 23 пазари и од повеќе трговски синџири.

Сепак, ниту оваа пониска пресметка не значи дека може семејствата лесно да ги покријат основните потреби. Според пресметката на Синдикатот, на едно семејство со две минимални плати му недостигаат 6.383 денари месечно за да ја покрие владината кошница, а за синдикалната, која изнесува 68.675 денари, околу 17 илјади денари.

Разликата произлегува од различните методологии. Владината кошница има цел да ја прикаже остварената потрошувачка на домаќинствата, додека синдикалната се користи како показател за минималните месечни трошоци на едно семејство.

Но, без оглед на методологијата, останува суштинското прашање како да ги покрие едно домаќинство трошоците за храна, сметки и за други основни потреби кога не се доволни приходите ни за пониско пресметаната кошница.

Податоците на ССМ покажуваат дека не запира притисокот врз семејниот буџет. Синдикалната минимална кошница во септември 2026 година достигнала 69.432 денари, што е за 757 денари повеќе од августовските 68.675 денари.

Во споредба со септември минатата година, вредноста е зголемена за 4.355 денари, додека од јануари до септември годинава пораснала за 3.019 денари. За храна и за пијалаци во септември биле потребни 25.259 денари, што претставува 36,4 отсто од целата синдикална кошница.

И покрај тоа што е различна методологијата за пресметка во двете кошници, најголема ставка во семејните трошоци е храната, а нејзиното покривање директно влијае врз можноста за задоволување на другите потреби. Покрај набавките во маркетите, домаќинствата мора да обезбедат средства за електрична енергија, вода, греење, домување и за транспорт. Овие трошоци се повторуваат секој месец и оставаат мал простор за образование, рекреација и за култура. Кај домаќинствата со ограничени приходи, токму овие потреби полесно се одложуваат или целосно се изоставуваат од буџетот.

Тоа значи дека финансиските ограничувања не се гледаат само во тоа што купуваат семејствата за јадење туку и во она од што мораат да се откажат за да ги платат основните сметки.

Од друга страна, пак, статистичките бројки ја покажуваат финансиската реалност на македонските домаќинства, дека лебот и компирот се меѓу најзастапените производи на трпезата, а месо се јаде поретко.

На крајот, семејниот буџет не се мери само според тоа колку пари се трошат за храна туку и според тоа колку остануваат по плаќањето на сметките и на превозот. А, кога најголем дел од приходите оди за основни трошоци, за образование, култура, рекреација и за подобар квалитет на животот останува сè помалку.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ