петок, октомври 16, 2026
Дома СВЕТ Украина планира да ги онеспособи руските аеродроми: Во подготовка се напади со...

Украина планира да ги онеспособи руските аеродроми: Во подготовка се напади со нови беспилотни летала управувани од ВИ

0
Фото:википедија

Украина се подготвува да ја интензивира својата кампања против руските аеродроми преку употреба на беспилотни летала опремени со вештачка интелигенција, кои се способни да ја избегнат противвоздушната одбрана, објави магазинот „Атлантик“.

Овој план се појавува во услови на зголемени тензии со Вашингтон, откако Киев повторно започна со напади врз руските рафинерии за нафта – потег што Доналд Трамп го нарече „срам“ – и тоа во време кога Русија продолжува со сопствените напади врз украинската енергетска инфраструктура.

Операцијата, со кодно име „M&Ms“ – осмислена за време на мандатот на Михаило Федоров како шеф на ресорот за одбрана – предвидува употреба на мали, евтини беспилотни летала способни за навигација и идентификување цели без човечки оператор, тврдат два извори запознаени со планот.

Беспилотните летала би носеле детални мапи и снимки од конкретни цели, овозможувајќи им на нивните вградени компјутери да ги споредуваат податоците од камерите во реално време со зачуваните информации. Штом целта ќе биде идентификувана, леталото би се насочило кон неа и би експлодирало, без потреба од дополнителна потврда од оператор, се наведува во извештајот, пренесува „Еуроњуз“.

Украински претставници изјавија за „Атлантик“ дека претстојната операција се очекува да биде значително поагресивна, користејќи беспилотни летала кои не зависат од американските разузнавачки податоци и кои наскоро би можеле да влезат во масовно производство. Еден украински претставник исто така напомена дека прототип на ова летало веќе е употребен во борбени дејствија во Донбас, иако развојот сè уште трае. Досега, овие беспилотни летала не се користени за напади врз руски аеродроми.

Тековната кампања веќе предизвика нарушувања во воздушниот сообраќај во Москва и нејзината околина. Во периодот од 3 до 9 октомври, на руските аеродроми биле откажани 345 летови, додека речиси 4.000 биле одложени – при што некои патници чекале 10 часа или повеќе. На 10 октомври, дополнителни 692 лета биле одложени, а 93 биле откажани. На 14 октомври, 238 летови беа одложени, а 124 беа откажани. Според еден извештај, мрежата на аеродроми во Москва била затворена во просек по околу три часа дневно.

Според извештаите, дури ни авионот на рускиот претседател Владимир Путин не можел да слета во Москва на 9 октомври, при враќањето од Туркменистан, бидејќи два од четирите аеродроми во главниот град биле затворени за време на седумчасовен напад со беспилотни летала. Долготрајното затворање на аеродромите би можело да ги натера меѓународните авиопревозници – вклучувајќи ги „Турски ерлајнс и „„Емирати“ – да ги преиспитаат летовите кон руската престолнина, со што би се нарушила клучната врска помеѓу руската политичка елита и надворешниот свет.

ИЗДВОЕНИ