Нашиот светски познат виртуоз на пијано, Симон Трпчески, на 2 и 3 ноември, со почеток во 20:00 часот, ќе одржи два концерти во Македонската филхармонија во Скопје, насловени „Камерен музички десерт“. Публиката овој пат ќе има можност да ужива во дела од Шопен, Григ, Конесон, Шахов и од Шостакович – автори со различни музички јазици, епохи и темпераменти, споени во внимателно избрана концертна целина што ќе ги покаже сета широчина, динамиката и емоционалната моќ на камерната музика.
Како што посочи Трпчески на вчерашната прес-конференција, концертот е насловен „Камерен десерт“ бидејќи, како што кажа, „камерната музика е синоним за заедништво, меѓусебно разбирање и почит, што треба да биде порака во кое било заедничко работење и во која било сфера“.

– Навистина одамна сакав да го направам овој концепт и многу ми е мило што сега, заедно со „Прагма продукција“, имаме можност да му донесеме на Скопје еден ваков вид на настан. Сакав да направам еден избор на програма што ќе биде наменет за различни љубители, бидејќи класичната музика нуди најразновидни димензии и карактери што може да направат најразлични расположенија. На 2, а и на 3 ноември, ќе имаме можност да уживаме во една разновидна програма, ќе почнеме со Чајковски, а ќе продолжиме во еден прекрасен „фјордовски“ свет на Едвард Григ, норвешки композитор, од два различни негови периоди, кој целиот свој живот бил инспириран од норвешкиот фолклор, а ќе имаме и композиција на Дмитриј Шостакович за позитивно завршување на првиот дел – објасни Трпчески.
Што се однесува до вториот дел, според пијанистот, тој ќе почне со еден сериозен период на германскиот композитор Јоханес Брамс, кој е тесно поврзан со животот на Шуманови, со неговиот идол – Роберт Шуман композиторот и неговата не докрај реализирана љубов, сопругата на Роберт Шуман, Клара Шуман, инаку и самата одлична и позната пијанистка и композиторка.
– Во вториот дел ќе продолжиме во еден поинаков правец, кој повторно ќе допре до оние љубители што се интересираат малку повеќе за различни стилови, но, сепак, се дел од класичната музика. Имено, ќе претставиме дела од мексиканскиот композитор Артуро Маркес, ќе продолжиме со една прекрасна фантазија од Александар Розенблат, што верувам дека ќе ја крене публиката во поглед на емоциите, а ќе завршиме со композицијата „Дивертименто“ на францускиот современ композитор Гијом Конесон, кој ни даде специјална дозвола, на моја иницијатива, да се направи адаптација на неговиот секстет, која ја направи нашиот колега, перкусионист и член на „Македонисимо“, Влатко Нушев, за потребите на нашиот ансамбл – додаде Трпчески, објаснувајќи ја програмата.
Инаку, на сцената со нашиот виртуоз ќе настапат и неговите колеги од „Македонисимо“, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело, Хидан Мамудов на кларинет и Влатко Нушев на перкусии. Како гости ќе настапат и Марина Чадо, еден од најдобрите виолински педагози во Македонија и пошироко.
На сцената, како што посочи Трпчески, ќе им се придружи и Александар Гордон Земцов на виола, кого имавме можност да го гледаме претходно и во улогата на диригент. Тој, како што посочи Трпчески, беше и прва виола на Лондонската филхармонија, како и професор на неколку конзерваториуми во Европа. Меѓу музичарите што, исто така, ќе настапат е и, веројатно, моментално најуспешниот виолинист од Македонија, Ѓорѓи Димчевски, кој е концерт-мајстор на Оперскиот оркестар на Валенсија и е најценет и најбаран концерт-мајстор и на шпанска почва. Неговата биографија вклучува и големо искуство како концерт-мајстор и во Минхен, и во Израелската филхармонија…
– Среќен сум што успеавме да се собереме во овој состав и на овие датуми за да понудиме високо ниво на камерно музицирање овде, дома кај нас – истакна Трпчески. (Д. Т.)
Фото: Ѕ. Плавевски












