Акциите на европскиот сателитски оператор „Еутелсат“ забележаа силен скок оваа недела, откако инвеститорите го проценија потенцијалот за европските компании да освојат поголем пазарен удел, по тешкотиите со кои се соочи украинската војска при пристапот до американскиот систем за сателитска комуникација „Старшилд“ – услуга што ја обезбедува компанијата „СпејсЕкс“.
Акциите на „Еутелсат“ пораснаа за околу 25 отсто во текот на изминатите пет трговски сесии. Извештаите за оперативните ограничувања во рамките на системот „Старшилд“ поттикнаа очекувања дека европските конкуренти би можеле да одиграат позначајна улога во обезбедувањето сателитски комуникации за Украина, пренесува „Си-ен-би-си“.
Во средата, акциите на „Еутелсат“ скокнаа за приближно 23 отсто, додека пораст на цената на акциите забележа и сателитскиот оператор „SES“, со седиште во Луксембург.
Украинските претставници изјавија дека новите ограничувања на сателитските комуникации ги попречиле воените операции – вклучително и употребата на беспилотни летала (дронови) – во момент кога Русија ги засилува нападите врз украинските градови и инфраструктура.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пријави прекин во системот „Starlink“, истакнувајќи дека тоа ја попречило способноста на украинските дронови да ги пресретнуваат руските напади. Извршниот директор на „SpaceX“, Илон Маск, изјави дека системот „Старшилд“ е во сопственост и под контрола на владата на САД, напоменувајќи дека американската војска и претседателот на САД имаат овластување да воведуваат ограничувања за неговата употреба.
Системот „Старшилд“ е наменет за владини корисници и за потребите на националната безбедност, а се заснова на технологијата на сателитската мрежа „Starlink“, која се користи за комерцијални и други комуникациски потреби.
Аналитичарите од „Дојче Банк“ оценија дека актуелните случувања ја истакнуваат стратешката важност на европските сателитски мрежи, при што инвеститорите сè повеќе го гледаат „Еутелсат“ како потенцијална алтернатива на системот „Старлинк“.
„Еутелсат“ управува со мрежата „ВанВеб “ (OneWeb), која опфаќа над 600 сателити во ниска орбита околу Земјата и обезбедува широкопојасна поврзаност за владини институции, авиокомпании и телекомуникациски оператори. Сепак, експертите предупредуваат дека европската инфраструктура не може едноставно да го замени „Старлинк“ (Starlink), кој поседува значително поголема сателитска мрежа и огромен број кориснички терминали.
Префрлањето на системот „ВанВеб“ би барало набавка на нова опрема и дополнителна инфраструктура.
Аналитичарите истакнуваат дека европските сателитски оператори би можеле да имаат корист од напорите на европските влади да ја намалат зависноста од американската технологија, но предупредуваат дека, на краток рок, овие оператори не можат целосно да го надоместат капацитетот што го обезбедува системот „Старлинк“. Овие случувања повторно го отворија прашањето за зависноста на Украина од американските комуникациски технологии во нејзината одбрана од руските напади, како и потребата за развој на алтернативни системи за сателитско поврзување во Европа.











