петок, октомври 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Грипот чукна во соседството, кај нас вакцинацијата од следната недела

Грипот чукна во соседството, кај нас вакцинацијата од следната недела

ВАКЦИНАЦИЈАТА ПРОТИВ СЕЗОНСКИОТ ГРИП ДОЦНИ, ПРВИТЕ ДОЗИ ЌЕ СТИГНАТ В ПОНЕДЕЛНИК

0

Грипот веќе се појави во соседството, а во Македонија вакцинацијата против сезонскиот грип, и покрај најавите дека ќе почне на 16 октомври, ќе почне од следната недела. Во Србија, од почетокот на сезоната на надзор, која започна на 28 септември, лабораториски се потврдени пет случаи на грип. Четири од нив биле регистрирани во последната набљудувана недела, а кај сите е утврден вирусот на грип од типот А(H1N1) pdm09. Според податоците, за периодот од 5 до 11 октомври 2026 година, во Србија биле регистрирани 6.639 случаи на заболувања со симптоми слични на грип. Највисоки стапки на заболување се забележани кај децата до четиригодишна возраст. Кај нас сè уште нема објавено епидемиолошки извештај за новата сезона.

И покрај најавите на Министерството за здравство дека вакцинацијата против сезонскиот грип ќе почне од денеска, сепак тоа ќе се случи во текот на следната недела, информираат за ВЕЧЕР од Центарот за јавно здравје. Првата пратка вакцини е обезбедена преку заем од Албанија и ќе се распределува од понеделник. Од средината на следната недела граѓаните кои се пријавиле да се вакцинираат против сезонскиот грип ќе можат да го сторат тоа во центрите низ земјава, потврдува д-р Љуљета Имери, епидемиолог од ЦЈЗ Скопје.

– Очекуваме вакцините од првата пратка да ги добиеме во Центарот за јавно здравје в понеделник и вторник. Граѓаните кои се пријавиле, а спаѓаат во категориите за бесплатни вакцини, ќе бидат информирани преку СМС-порака кога и каде да ја примат вакцината. Предност ќе имаат хронично болните, а комерцијалните вакцини ќе почекаат друга набавка, објаснува докторката за весникот ВЕЧЕР.

И министерот за здравство, Сашо Клековски, потврди дека бесплатната вакцинација против грип ќе почне од среда, прво ќе се имунизираат штитениците во старечките домови. Досега, на интернет-порталот vakcinacija.mk се пријавиле 38.000 граѓани. Комерцијалните вакцини, за оние што не припаѓаат во ризичните групи, чекаат следна набавка.

Годинава, вакцинацијата доцни поради тоа што на првиот повик на Министерството за здравство немало пријавено производител за вакцината, по што земјава преку УНИЦЕФ доби донација од Албанија. Во меѓувреме, до крајот на октомври треба да заврши новиот оглас за набавка на околу 26.260 вакцини. Од Министерството информираа дека првите 30.000 дози се од Кореја, од фирмата GCFLU. Станува збор за тривалентната вакцина GC Biopharma – Influenza Vaccines, одобрена од Светската здравствена организација. Дополнителни 26.260 дози вакцини против грип се од компанијата „Санофи“ и треба да пристигнат до 15 ноември. Разговорите за другите 24.000 дози вакцини се во тек, велат здравствените власти.

За споредба, минатата година Министерството набави историски најголем број вакцини против сезонски грип – 80.000 дози четиривалентна вакцина од производителот „Абот“ од Холандија, а вакцинацијата почна на 16 октомври. Во соседна Србија, вакцинирањето годинава почна на 14 октомври, а 300.000 вакцини се од домашно производство.

Првите дози вакцини во земјава се предвидени за хронично болните, лицата на возраст од 65 години и повеќе, здравствените работници, бремените жени и децата на возраст од шест месеци до пет години.

Со цел вакцините да бидат уште подостапни, од Партијата на пензионери предлагаат воведување нови, флексибилни начини и канали за пристап до вакцинацијата.

– Вклучувањето на матичните лекари и на аптеките (фармацевтите) во директниот процес на аплицирање на вакцините значително би го олеснило пристапот за повозрасните лица, би ги намалило метежите во здравствените домови и би овозможило поголем опфат на имунизација, предлагаат од партијата. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ