четврток, октомври 15, 2026
Дома КУЛТУРА Во ритамот на светската џез сцена: Со музика во одбрана на слободата...

Во ритамот на светската џез сцена: Со музика во одбрана на слободата отворен 45. Скопје џез фестивал

13

Со претставување на моќниот музички проект „Bravery of the Brave: Free Palestine“ на прочуениот словенечки перкусионист, тапанар и композитор Златко Каучич, вечерва во присуство на бројни љубители на џез музиката беше отворено 45. издание на Скопје џез фестивалот.

Фото: П. Стојановски

Каучич, автор на повеќе од шеесет албуми и музичар со богата меѓународна кариера, кој соработувал со некои од најзначајните имиња на современата импровизирана музика, уште еднаш ја потврди својата посветеност на музиката како простор за слободно изразување, критичка мисла и општествена одговорност, што од страна на присутните беше проследено со бурен аплауз.

Покрај Каучич ансамблот го сочинуваат и Јуре Боршич и Иван Пилат – саксофон, Франческо Ивоне – труба, Јан Јарни и Јантон Лоренцути – електрична гитара, Тими Времец – електричен бас, Жига Ипавец – тапани и перкусии, Томи Новак – тапани, синтисајзер, семплер и перкусии и Роби Ерзетиќ – тапани.

Во проектот Каучич ја презеде улогата на композитор и уметнички директор, предводејќи го како диригент ансамблот составен од свои поранешни студенти и реномирани италијански музичари. Преку спојот на саксофони, труба, електрични гитари, бас, тапани, синтисајзер и разновидни перкусии, музичарите изградија звучен свет исполнет со енергија, интензитет и експресивна слобода.

Bravery of the Brave е повеќе од музичка композиција – тоа е уметнички став и повик на солидарност. Проектот ја нагласува моќта на заедничкото дејствување и потребата од истрајност пред неправдата, претворајќи ја музиката во чин на отпор и глас за оние кои се борат за своите права и за доброто на заедницата. Со обновувањето на проектот во 2024 година, под наслов Bravery of the Brave: Free Palestine, оваа порака добива дополнителна актуелност, поврзувајќи ја уметничката слобода со солидарноста со палестинскиот народ. Настапот во Скопје ја истакна музиката како универзален јазик на поврзување, преиспитување и општествена ангажираност, потсетувајќи дека храброста не е само индивидуален чин, туку и способност да се застане заедно во одбрана на слободата, човечкото достоинство и мирот.

Музичката вечер продолжува со настапот на тенор-саксофонистот, кларинетист и композитор Леонхард Скорупа, со седиште во Виена, вистински шегаџија што не поставува никакви граници во својата имагинација (22 часот). Првата фестивалска вечер заврши по полноќ, со настапот на Пасквале Мира и Хамид Дрејк, со проектот „Lhasa“, на малата сцена на НОБ. Дуото Мира – Дрејк постои од 2008 година, градејќи музички однос заснован на перкусија и на импровизација. (Д.T.)

Фото: П.Стојановски

ИЗДВОЕНИ