Цената на електричната енергија до крајот на годинава ќе остане непроменета, а Владата ќе се бори да се задржи истата цена и од 1 јануари, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој посочи дека приоритет на Владата се одржувањето на енергетската стабилност и спречувањето дополнително зголемување на трошоците за електрична енергија за граѓаните.
Мицкоски нагласи дека Владата ќе продолжи да се залага за задржување на актуелната цена и покрај неповолните состојби на енергетските пазари и растот на цените на енергенсите во регионот и во Европа. Според него, во услови на голема енергетска криза, државата настојува да ги ублажи последиците врз граѓаните преку своите политики.
– Се бориме и она што е наш приоритет – да остане цената иста, да нема зголемување. Тоа, впрочем, го правиме во три регулаторни периоди – изјави Мицкоски, посочувајќи дека Владата ќе се обиде да ја задржи стабилноста на цената на електричната енергија и во наредниот период.
Премиерот не се согласува со ставот дека цената на струјата најмногу зависи од АД ЕСМ. Тој објасни дека има барања за нивелирање на цените и од други енергетски компании, меѓу кои операторот и дистрибутерот, поради што, како што рече, при формирањето на конечната цена треба да се земат предвид и нивните барања.
Во однос на можноста за понуда на пониска цена од страна на АД ЕСМ, Мицкоски одговори дека во актуелните услови на енергетските берзи нема да се понуди цена пониска од 65 евра. Тој оцени дека оваа цена е трипати пониска од онаа што ја плаќаат потрошувачите во соседството и во делови од Европа.
Премиерот посочи дека треба да се почекаат барањата на енергетските компании и одлуката на Регулаторната комисија за енергетика. Тој нагласи дека Владата ќе се бори да остане актуелната цена непроменета, но дека не може однапред да ја предвиди конечната одлука на регулаторот.
– Од 1 јануари да почекаме што ќе кажат енергетските компании, па ќе видиме. Јас не можам да ја прејудицирам одлуката на Регулаторната комисија – рече Мицкоски.
Премиерот информираше и дека засега не се планираат измени во тарифните блокови за електрична енергија. Тоа значи дека, според актуелните најави, до крајот на годинава не се очекува промена на цената, додека за периодот од јануари конечниот исход ќе зависи од барањата на енергетските компании и од одлуката на РКЕ.












