Просторот покрај булеварот „Христијан Тодоровски-Карпош“, кој со години беше запуштен и неискористен, многу наскоро ќе стане модерен, функционален и уреден зелен центар за сите генерации.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека работните активности се во завршна фаза.
– Веќе е посадена тревната површина, се поставува хидрантската мрежа за редовно одржување на зеленилото, уредени се патеките и просторот добива лик каков што заслужуваат жителите на Бутел. На површина од 8.000 квадратни метри, никнува мегапарк со богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес-зони и содржини за сите возрасти – појаснува Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова ќе биде простор за децата, за младите, за семејствата, за пензионерите, и тоа за одмор, рекреација, дружба и убави спомени и нагласи дека овој парк е само еден од четирите мегапарка ветени во неговата програма.
Скопскиот градоначалник наведе дека дополнително се предвидува изградба на околу 50 мали паркови во сите скопски општини, од кои, како што вели, дел веќе се започнати, со цел секое маало, секој дел од градот и секое семејство да добие свој зелен агол.












