И во 2025 година институциите во кои се ограничува слободата на луѓето остануваат далеку од стандардите за достоинствен третман. Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам при Народниот правобранител открива сцени кои повеќе потсетуваат на установи од минати времиња отколку на земја која преговара за членство во Европската Унија. Од притвореници кои спијат на душеци поставени директно на подот, преку хроничен недостиг од вода, до полициски ќелии со искршени прозорци. Најзагрижувачи е сепак болницата „Демир Хисар“ чиј персонал изнел сомнежи дека преку спорни вештачења, криминалци место зад решетки, вознемируваат пациенти и вработени
Наместо да лекува лица со тешки психички нарушувања, Психијатриската болница „Демир Хисар“ сѐ повеќе се претвора во установа што се справува и со осуденици за кои постојат сомнежи дека преку „лажирани“ судско-психијатриски вештачења избегнуваат затвор.Ова е една од најсериозните пораки од Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ) при Народниот правобранител, по ненајавената посета на Форензичкото одделение во болницата.
Заменичката народен правобранител Соња Трифуновска изјави дека тимот на НПМ при посетата затекнал дваесетина осудени лица кои, според информациите добиени од персоналот, не покажувале психичка болест, туку биле упатени во установата врз основа на судско-психијатриски вештачења за кои се изразени сериозни сомнежи.
„Тимот на НПМ доби наводи за случаи во коишто беа изразени сомнежи за професионализмот при одредени вештачења со кои, наместо правосилни затворски казни, лицата заради својата психичка состојба (наводна непресметливост) се упатуваат на Форензичкото одделение во оваа болница“, изјави Трифуновска.
Поради сериозноста на овие информации, Националниот превентивен механизам се обратил и до Комората на вештаци со барање да се испита почитувањето на етичките и професионалните стандарди при судско-психијатриските вештачења.Последиците, според неа, најмногу ги трпат пациентите кои навистина имаат потреба од психијатриско лекување. Персоналот на болницата му посочил на тимот на НПМ дека е принуден, покрај терапевтската работа, да извршува и задачи што наликуваат на обезбедување, бидејќи установата нема затворска полиција, а дел од форензичките пациенти покажуваат однесување карактеристично за лица со висок безбедносен ризик. Медицинските сестри, психијатрите и останатиот здравствен персонал, наместо исклучиво да се грижат за лекувањето на пациентите, се изложени на закани, професионален притисок и прегореност.
„Болницата ниту има соодветно обезбедување, ниту услови за задржување и грижа на ваков профил на лица, бегствата од нивна страна се доста честа појава, а во изминатиот период имало и случај на суицид“, изјави Трифуновска и предупреди дека ваквата состојба директно се одразува врз правата на пациентите со реална потреба од психијатриска грижа.
Душеци на под, недостиг од вода, и години исти проблеми
Една од многуте лоши слики што може да се извлече од извештајот е од затворот во Куманово. При посетата, тимот на Народниот правобранител затекнал душеци поставени директно на подот, на кои спиеле притворени лица затоа што нема доволно кревети и простор. Во извештајот се потенцира дека ваквата практика не ги исполнува ниту домашните законски стандарди, ниту европските правила за третман на затвореници. Можеби најпотресниот дел е сведоштвото на притворениците за недостигот од вода. Тие им кажале на претставниците на Народниот правобранител дека ја штедат водата што им се дава, некои пак намерно јадат помалку за да имаат помала потреба да го користат тоалетот, а меѓу притворениците се појавила и шуга. Затворот со години нема стабилно водоснабдување, а проблемот повторно е констатиран и годинава.
Заменик народниот правобранител Соња Трифуновска на презентација нагласи дека тимот на НПМ во 2025 година спровел вкупно 13 ненајавени посети, од нив, четири во полициски станици од општа надлежност, пет во казненопоправни и воспитно поправни установи, три во места каде што се сместуваат или задржуваат мигранти, странци и баратели на азил – од кои, две во полициски станици за гранична контрола и граничен надзор, како и една посета во психијатриска установа.
Ако ти се слоши – тропај по вратата
Иако дел од просториите биле реновирани, системот за повикување помош не работел, па така ако на притвореник му се слоши, единствениот начин да побара помош е да тропа по металната врата и да се надева дека некој ќе го слушне. Дополнително биле забележани оштетени електрични инсталации и тавански светилки. Притворените немаат активности, е уште една од забелешките во извештајот на НПМ. Освен кратка прошетка од 15 до 20 минути дневно, остатокот од денот го поминуваат затворени во ќелиите. Народниот правобранител предупредува дека ваквиот режим сериозно влијае врз психичкото здравје и е под европските стандарди.
– Недостигот на кадар, недоволните материјални ресурси, ограничениот пристап до здравствени услуги, несоодветните услови во дел од установите и потребата од континуирана обука на персоналот не претставуваат изолирани проблеми на поединечни институции, туку системски предизвици кои бараат координиран и долгорочен институционален одговор. Сепак, искуството покажува дека превенцијата не може да биде успешна доколку не биде проследена со континуирана политичка волја, институционална посветеност и обезбедување на потребните ресурси – изјави Трифуновска.
Проблемите не завршуваат во затворите. Во една од посетените станици било утврдено дека нема ни истакнати поуки за правата на приведените лица. Во тоалетите има прозорци што овозможуваат бегство и огледала што претставуваат ризик од самоповредување. Во Табановце и Сопот, пак, воопшто нема простории за задржување, па лицата се сместуваат во службени канцеларии, додека полицаец мора постојано да биде со нив. Во повеќе полициски станици немало листа на дежурни адвокати. Причината што им била кажана на преставниците од НП била дека адвокатите престанале да доаѓаат бидејќи не им биле плаќани трошоците. Истовремено, разговорите со деца се воделе во истите простории како и со возрасни затоа што нема посебна детска соба. Во ПС Карпош проблем не бил само објектот, Народниот правобранител утврдил дека не биле пополнети ниту половина од систематизираните работни места, а само во пет месеци шест полицајци ја напуштиле станицата (П.А.)












