среда, ноември 11, 2026
Дома СВЕТ Визијата на Кушнер ја вознемири Европа: Зад кулисите се црта нова карта

Визијата на Кушнер ја вознемири Европа: Зад кулисите се црта нова карта

2
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Администрацијата на Трамп смета дека војната во Украина може да заврши само преку поширок, сеопфатен договор со Русија за идната безбедност на Европа – потег со кој се прифаќа долгогодишно барање на Кремљ, на кое претходно се спротивставуваа САД и НАТО, пренесува „Вашингтон пост“.

Според весникот, американски претставници го соопштиле ова во понеделникот, еден ден пред почетокот на трилатералните разговори меѓу Украина, Русија и САД во Абу Даби. Европски претставници и експерти, со кои разговараше „Вашингтон пост“, стравуваат дека ваквиот пристап се совпаѓа со аргументите на самата Москва.

Во сржта на ова е предлогот на Џаред Кушнер – зетот и пратеник на Доналд Трамп – за нова европска безбедносна архитектура. Кушнер го претстави концептот на платформата „Икс“ (X) на 6 ноември, но европските дипломати сè уште не можат да објаснат како тој всушност би функционирал.

Пет цели, малку детали

Кушнер наведе дека САД, во координација со Украина, НАТО и европските сојузници, разгледуваат пет главни цели: континуирани безбедносни консултации, сигурни канали за комуникација во кризни ситуации, поголема воена транспарентност, реципрочни мерки за намалување на ризикот од ескалација и трајна рамка за долгорочна безбедност и стабилност на Европа.

Тој напиша дека НАТО ќе остане централен столб на колективната одбрана на Европа. Според него, секоја нација го задржува правото сама да ги избира своите сојузи, а ниту една земја нема да има право на вето врз одлуките на другите. Консултациите би продолжиле во рамките на таканаречениот формат „Шел Беј“, во кој би учествувале Украина, НАТО, Европската унија и европските партнери. Тројца европски претставници, со кои истиот ден контактираше Си-Ен-Е, не беа сигурни на што точно мислат Кушнер и Трамп. Според „Киев пост“, европските дипломати исто така имаат забелешки поради тоа што во рамката на Кушнер воопшто не се спомнуваат претходните инвазии на Русија врз соседните земји, ниту пак војните во Чеченија.

Трамп, од своја страна, зборуваше за „голем договор“. На 6 ноември, тој им изјави на новинарите во Палм Бич дека, за првпат, и Русија и Украина сакаат да постигнат договор. „Мислам дека тоа ќе биде многу големо решение. Мислам дека цела Европа ќе биде вклучена“, рече Трамп.

Моделот од 2002 година

Според претходен извештај на „Вашингтон пост, Кушнер го гледа Советот НАТО-Русија како модел за пошироки преговори. Ова тело, формирано во 2002 година за да го олесни дијалогот меѓу Алијансата и Москва, престана со работа во 2014 година, по руската анексија на Крим и навлегувањето во Донбас.

Доколку разговорите во Абу Даби доведат до напредок, Кушнер има намера да ги прошири преговорите во мултилатерален формат, кој би вклучувал директно учество на европските нации. „Вашингтон пост“ исто така објави дека рускиот претседател Владимир Путин реагирал со ентузијазам на концептот за паневропски безбедносен план за време на средбата со Стив Виткоф – дискусија во која Кушнер учествувал преку видео-врска.

Европа прво бара прекин на огнот

Европските претставници наведуваат дека, иако се отворени за дијалог со Русија, тие можат да се согласат на безбедносна рамка дури откако ќе се воспостави прекин на огнот во Украина.

„Двата процеса се во тек“, изјави за „Вашингтон пост“ претставник од една од земјите што се блиски сојузници на САД. Тој додаде дека мировен договор за Украина мора да се постигне пред каков било договор за безбедносна архитектура.

Висок претставник од друга голема европска земја изјави дека, иако гледа многу ризици во ваквиот пристап, сепак е подобро да се учествува отколку да се остане на маргините. Според него, низ Европа постои широк консензус дека за овие прашања може да се разговара дури откако ќе заврши војната.

Киев го зазема истиот став. Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди дека дискутирањето за европско-руска безбедносна структура – ​​пред да заврши војната и пред да се обезбедат безбедносни гаранции за Украина – е опасно.

Според „Киев пост“, европските влади исто така сметаат дека не може да ѝ се наметне никаков договор на Украина или на Европа без нивна експлицитна согласност. Аналитичари цитирани од Си-Ен-Ен, сугерираат дека главниот ризик не е во тоа што Киев или неговите сојузници би можеле да се согласат на ограничување на сопствената одбрана; туку, поголема загриженост предизвикува можноста Путин да го протолкува повлекувањето на САД како „зелено светло“ за интензивирање на нападите. Дмитриев во Белата куќа

Европската недоверба дополнително се засили по средбата во Белата куќа на 5 ноември, помеѓу Трамп и Кирил Дмитриев, руски претставник за инвестиции. Дмитриев се залага за трговски договори меѓу Вашингтон и Москва како главен пат кон обновување на односите. Следствено, некои Европејци стравуваат дека САД би можеле да им дадат приоритет на економските договори со Русија.

Во Абу Даби се одржуваат трилатерални разговори. Ова е прва средба во ваков формат од февруари, кога претходните рунди беа прекинати по избувнувањето на конфликтот меѓу САД и Израел, од една страна, и Иран, од друга страна. Москва се противи на учеството на Европејците во трилатералните разговори.

ИЗДВОЕНИ