Во Тетово, вчера се одржа републичката манифестација „Вешта жена 2026“, на која се натпреваруваа победничките од 11. општински натпревари во подготвување, декорирање и сервирање главно јадење, погача и десерт.
Титулата гран-при вешта жена, според бројот на бодови од жирито, ѝ беше доделена на Катерина Николовска од Прилеп. Второто место ѝ припадна на Даниела Димитриевска од Тетово, а третото место го освои Мима Ѓорѓиева од Македонска Каменица. Според бројот на бодови од публиката гран-при вешта жена, првото место го освои Даниела Димитриевска од Тетово.
Титулата вешта жена 2026, според бројот на бодови, жирито ѝ ја додели на Марија Дамјановска од Скопје. На втората позиција се пласираше Зорица Јовановска од Тетово, додека третото место го освои Билјана Костеска од Прилеп. За вешта жена 2026, според бројот на бодови доделени од публиката, е прогласена Марија Дамјановска од Скопје.
– Ова се победничките од општинските натпревари. И кога би рекле избираме вешта жена на Македонија, јас би ги избрала сите до една, и гран-при и вешта жена. Што се однесува на квалитетот, изработките, ми се чини дека оваа година, како и секоја, меѓутоа ми се чини дека оваа година беше нешто особено со нивните изработки на експонати на самото место. Сето тоа што требаше да се направи, го направија, а ние уживаме во спомените што ги оставаат тие кај нас – истакна Снежана Стојановска, претседателка на „Вешта жена“.
„Вешта жена 2026“ беше повеќе од натпревар, ги обедини вештините и љубовта на жените од цела Македонија.
– Квалитетот на натпреварите го дава резултатот на квалитетот на споделената љубов меѓу жените и сета оваа различност нè прави да бидеме еднакви и по возраста, и по образованието, и по политичките убедувања. Само на тој начин можеме да се издигнеме над сите човечки вредности – потенцираше Стојановска.
Сите победнички во осумте дисциплини, како и за титулите гран-при вешта жена 2026 и вешта жена 2026, добија пехари, дипломи и награди. Сите победнички на општинските натпревари и учесничките на републичката манифестација „Вешта жена“ на 22 јуни ќе имаат заедничко патување.












