Најголемиот глобален хуманитарен мотохепенинг наречен „The Distinguished Gentleman’s Ride“ годинава го слави своето 11. скопско издание. Да се биде дел од ова глобално хуманитарно движење, секако, е чест, но и обврска.
Пред 11 години, Скопје и официјално стана дел од ова движење, кое ги обединува пасионираните вљубеници во класичните мотоцикли и во модата, во борбата против машките болести.
Единаесеттата скопска едиција досега навестува импресивни резултати, бидејќи оваа година на улиците на главниот град ќе излезат повеќе од 220 „дотерани” мотоциклисти со своите класични, блескави машини.
Сепак, вреди да се спомене достигнувањето на глобално ниво, кое во изминативе години за борба против ракот на простата собра повеќе од 60,5 милиони долари, настан на кој учествуваа над 340.000 учесници во повеќе од 121 држава и 1.070 града во светот. Секако и Македонија, односно скопското издание, придонесе со повеќе од 24.000 долари за овие бројки од 2016 година.
Блескавоста на прекрасните мотоцикли и шармот на „дотераните” моторџии и оваа година ќе бидат задолжителен фолклор на скопскиот настан, со цел да се одржат добропознатите тематски постулати на овој настан: ширење на свеста кај машката популација и собирање средства за борба против ракот на простата и самоубиството кај мажите.
Екипата на „Gentleman’s Crew Skopje“, организатор на скопското издание на популарниот DGR, упатува благодарност до сите учесници, партнери и пријатели, кои придонесуваат и оваа година популарниот „Ride“ да ги надмине своите досегашни достигнувања.












