Пејачката Јасна Госпиќ добро ја памтиме од саревската група „Амбасадори“ во која пред Јасна пееше Исмета Крвавац. Јасна во групата дојде на 17 години, тогаш кога со нив го снимила и најголемиот хит „Дојди во 5 до 5“. Сепак живот ја однесе на друга страна, па Јасна прерано ја напуштила естрадата. Животот во Титова Југославија и тогашниот дух на времето ѝ останале во убаво сеќавање, па иако со години не живее овде, признава дека го зачувала нашиот балкански менталитет.

-Моето детство го памтам по мирисот на багремот под мојот прозорец. Бевме сиромашни. Се санкавме на парчиња картон, а одевме често на лизгалиштето “Скендерија“. Тогаш дојдоа и првите кафулиња, првите љубови и сознанието дека во животот постојат некои непишани правила. Илјада грешки, илјада лекции. Пополека влегував низ вратата на сериозниот живот, одложувајќи го што е можно повеќе тој момент. Би рекла дека низ таа врата поминав со едната нога, бидејќи сѐ уште со другата стојам од другата страна, каде што го чувам тоа дете во себе.Јас уште сонувам мислејќи дека животот и не е толку сериозна работа како што панично мислиме, изјавува Јасна и објаснува:

-Невозможно е да се запре животот во Сараево, тоа е посилно од сѐ. Каде што се моите деца, таму е мојот дом, а кога ќе ѕирнам во мојата душа, сѐ уште сум онаа мала Босанка, весела, распеана и полна со фантазија“.

Во 1979 година Јасна ги напушти „Амбасадори“ па, започна со соло кариера. На нејзино место дошол Хари Варешановиќ. Учествувала на бројни музички натпревари, но најголемиот успех го доживеала на Сплитскиот фестивал во 1985 година кога ја пееше незаборавната “Зар је вољети гријех“. За жал, нејзината кариера ја прекинала војната во Босна кога морала да избега од родното Сараево. Се пресели во Прага, во Чешка. На оваа одлука особено влијаела лошата здравствена состојба на нејзината мајка. Сепак, во Прага нејзиниот живот добил сосема нов правец. Запознала сараевец кој веќе со години живеел во Чешка. Потоа се омажила за Дејан и ги добиле ќерката Дејана и синот Бојан.

-Сопругот е мојата најголема поддршка, некој со кого делам и добро и зло, некој кој секогаш е покрај мене како и јас покрај него. Сопругот Дејан го сакам таков каков што е, го поддржувам во сѐ што прави, а тој ми возвраќа со цело срце. Ништо не е поубаво од добар и квалитетен брак, кој го имаме еден со друг и заедно сме посилни. Заедно ги воспитавме децата да бидат одговорни, чесни и добри луѓе, задоволно раскажа Јасна.

Со години се занимавала со мода, а потоа решила дека е време за враќање на естрадата. – Секако дека најмногу време им посветував на децата, но сега, кога веќе пораснаа, се создадоа услови да ѝ се вратам на музиката.

На музиката ѝ се врати во 2005 година, а во 2018 одржа концерт во Белград по повод четири децении кариера.  – Кога се вратив во Белград почнав да гостувам во тв-емисии, ќе подадев рака и ќе речев: ‘Јас сум Јасна Госпиќ’. Ме гледаа со љубезна насмевка и велеа: ‘Ние знаеме која сте вие, па добро каде бевте цело ова време?’ Се чувствував прекрасно… Мојот белградски концерт беше многу добар,       ги надмина сите мои очекувања, објасни Јасна.

Јасна разооткри и еден свој голем стрес, кога со само 17 години пеела пред Тито. – Бев буквално преплашена кога дојде редот да пеам. Избувнав во плач. Мислев дека ќе бидеме подалеку на сцена, а од него бев оддалечена помалку од два метра. Јадранка Стојаковиќ и Исмета Kрвавац ми притрчаа на помош, се присети Јасна.

-Фотелјите беа наредени во круг, а единствената празна беше до него. Тој стана и ми ја бакна раката. Пеевме цела ноќ. И Тито ја запеа ‘Рабинушка’. Следниот ден слушнавме коментар дека никогаш не бил толку добро расположен како таа ноќ. Дури и првото виски во животот го испив со Тито. Не можев од срам, да го одбијам, вели оваа повторно слушана пејачка. Неодамна ја слушавме во балканското тв-шоу “Никогаш не е доцна“. А, тоа е вистина, дека за доброто пеење какво што го поседува Јасна, навистина никогаш не е доцна.    (Д.М.) фото: архива

 

ИЗДВОЕНИ