Меѓуградскиот воз меѓу Прилеп и Битола ќе почне со работа кон крајот на јуни или на почетокот на јули, и со најавениот карго железнички сообраќај се засилува железничката поврзаност меѓу Прилеп и Битола. Проектите се реализираат паралелно со изградбата на автопатот, кој треба значително да го подобри сообраќајот во регионот. Првите километри од новата делница се очекува да бидат пуштени во употреба следната пролет
Меѓуградскиот воз помеѓу Прилеп и Битола ќе почне со редовен сообраќај кон крајот на јуни или на почетокот на јули, а во скоро време се очекува да биде воспоставен и карго железничкиот транспорт кон двата града. Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на Општина Могила, истакна дека со воведувањето на новата линија се зајакнува улогата на железницата како алтернативен и побрз превоз, особено во периодот додека трае изградбата на автопатот Прилеп – Битола.
– Имајќи предвид дека се гради автопатот Прилеп – Битола и дека се користи стариот пат, сметавме дека е добро да се воспостави еден меѓуградски воз. Интензивно работиме со двете железнички претпријатија за да се подготви инфраструктурата и особено патните премини и да се обезбедат возови со соодветна фреквенција. Можам да најавам дека на крајот на јуни, почетокот на јули, како што веќе ветивме, ќе биде воспоставена линијата помеѓу Прилеп и Битола – изјави Николоски.
Тој појасни дека возот ќе сообраќа во термини приспособени на потребите на граѓаните, а цената на билетот ќе биде симболична.
– Ќе има меѓуградски воз помеѓу двата града во соодветни термини кои најмногу ќе им одговараат на граѓаните. Тоа ќе биде една симболична цена од 150 денари, за да можат да го користат што повеќе граѓани – рече Николоски и најави и скоро воспоставување на карго железничкиот сообраќај кон Прилеп и Битола, при што нагласи дека веќе постои интерес од компании за користење на железничкиот транспорт.
Николоски нагласи дека изградбата на автопатот Прилеп – Битола се одвива според предвидената динамика, а првите километри од новата делница се очекува да бидат пуштени во употреба веќе следната пролет. Според него, работите на терен напредуваат со добро темпо и очекува дека роковите зададени од страна на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, ќе бидат целосно испочитувани.
– Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп – Битола е одлична, работиме со одлично темпо, роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар – изјави Николоски при посетата на општина Могила.
Тој додаде дека новата автопатска делница ќе има значајно влијание врз целиот Пелагониски Регион, со подобрување на сообраќајната безбедност, побрзо движење и поефикасен транспорт на стоки и луѓе. Министерот нагласи и дека проектот ќе придонесе за економски развој, нови инвестиции и подобри услови за живот во регионот.
– Тоа многу ќе значи за заживувањето на целиот овој регион и за поттикот на економијата, имајќи предвид дека значаен дел од економијата е токму во Пелагонискиот Регион – додаде Николоски.
Тој потсети дека во Општина Могила, во тек е значителен инвестициски циклус вреден околу 700.000 евра, преку кој се реализирани и се подготвуваат повеќе инфраструктурни проекти финансирани од општинскиот буџет, државниот буџет и преку програмите на Светската банка. Тој посочи дека во оваа општина веќе е реализирана улицата „Гоце Делчев“, наскоро ќе почне изградбата на улицата „Пелагонија“, додека преку проект на Светска банка се работи на улицата „АСНОМ“. Во рамки на истата програма, како што нагласи, завршени се и улицата „Шемница“ во Могила, како и една улица во селото Трновци.
Во наредните денови се очекува да биде пуштено во употреба и новото фудбалско игралиште, кое е донација од Фудбалската федерација на Македонија.












