Новиот Оперативен план за вработување, вреден околу 40 милиони евра, ќе започне со реализација во текот на овој месец и ќе понуди нови можности за невработените лица, социјално ранливите категории граѓани и младите до 29 години. Планот е веќе усвоен на владина седница, а деталите за мерките и условите за аплицирање ќе бидат објавени во наредните денови. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, објасни дека целта на новите мерки е да се поттикне вработувањето, развојот на претприемништвото и задржувањето на младите во државата.
– Очекуваме Оперативниот план да стане целосно функционален во текот на оваа недела. Сите лица кои се евидентирани како невработени, како и категориите граѓани опфатени со мерките, ќе можат да ги користат предвидените поволности и програми – изјави Ристески.
Според него, Министерството за економија и труд ќе ги презентира сите новини и измени во планот, кои треба да овозможат поголема достапност и поефикасно користење на мерките, особено од страна на младите луѓе. Во рамки на новиот пакет мерки ќе биде предвидена и можност за вклучување на иселениците на пазарот на трудот, со што ќе се создадат услови за нивно враќање и вработување во земјава.
Ристески посочи дека минатогодишниот Оперативен план бил реализиран со 92 проценти. Во текот на 2025 година, околу 12.000 лица користеле некоја од мерките за вработување, додека најголем интерес имало за програмата за самовработување. Преку оваа мерка, повеќе од 2.600 лица добиле поддршка за отворање сопствен бизнис, што, според надлежните, претставува значаен придонес во развојот на малото претприемништво и креирањето нови работни места.












