четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Кошта доаѓа со план или со познати фрази?!

Кошта доаѓа со план или со познати фрази?!

592

Во атмосфера на засилени политички и дипломатски тензии, Македонија ја очекува посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од кого дел од јавноста очекува нов импулс за евроинтегративниот процес. Власта се надева на размена на идеи за надминување на спорот со Бугарија, но останува на ставот дека нема да има нови отстапки без конкретни гаранции. Од Софија, пак, повторуваат дека договореното во 2022 година мора да се спроведе и дека нема простор за промена на европската рамка. Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски, во изјава за весникот ВЕЧЕР, оценува дека е нереално да се очекува Кошта да донесе „чудо“, туку дека ќе ги повтори веќе познатите европски позиции за уставните измени. Во меѓувреме, европската агенда е повторно поле за жестоки обвинувања меѓу власта и опозицијата

Дипломатска прогноза: се чека поволен ветер од Брисел, меѓу Софија и Скопје се креваат нови бранови

Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, политичката сцена во Македонија наликува на море пред невреме – брановите се креваат и на домашен и на надворешен план. Додека Скопје и Софија повторно разменуваат остри пораки околу европската интеграција и условите за продолжување на преговорите, на домашен терен власта и опозицијата водат паралелна битка за тоа кој е виновен за застојот на европскиот пат на државатa.

Во услови кога секоја изјава е како политичка муниција, а на дипломатските средби се гледа со надеж за можен пресврт, доаѓањето на Кошта го отвора прашањето дали тој од Брисел ќе донесе нови идеи и конкретен план за деблокада на процесот или Македонија повторно ќе ги слушне добро познатите пораки за реформи, трпение и уставните измени како прозорец кон европската перспектива.

Атанасоски: (Само)залажување е да се верува во некое „чудо“

Благојче Атанасоски, политички аналитичар

Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски е на ставот дека претседателот на Европскиот совет доаѓа со добропознатите ставови – дека без внесување на Бугарите во македонскиот Устав, Македонија не може ефективно да ги продолжи преговорите со ЕУ. Во изјава за весникот ВЕЧЕР, Атанасоски вели дека е (само)залажување да се верува во некое „чудо“.

– Најверојатно, претседателот на европскиот совет, Антонио Кошта, ќе дојде со добропознатите, веќе повторени и утврдени ставови: дека без внесување на Бугарите и другите малцинства во македонскиот Устав, не може да се продолжи со втората меѓувладина конференција и Македонија ефективно да ги продолжи преговорите со ЕУ, то ест да ги отвори ефективно преговарачките поглавја. Сè друго е (само)залажување, дополнително комплицирање, на и онака комплицираната состојба со македонските евроинтеграции и губење на непотребно време, да се верува во некакво „чудо“ и заобиколување на добропознатите услови, прифатени со т. н. францускиот предлог, вели аналитичарот Атанасоски.

Мицкоски очекува повеќе идеи

Премиерот, сепак, изјави дека при претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, очекува да разменат повеќе идеи за надминување на пречката за интеграцијата на државава во Европската Унија од, како што рече, вештачкото билатерално барање. Тој порача дека ставот на државава не е променет и оти ќе се бара решение кое нема да го допре достоинството на македонскиот народ и македонските граѓани.

– Со претседателот на Европскиот совет, Кошта, досега имаме исклучително пријателски разговори, разменуваме идеи, мислења. Секогаш бил конструктивен во насока да се изнајде решение за ова вештачко билатерално барање што го има една земја членка кон Македонија. Се надевам дека во таа насока ќе продолжиме и во иднина и сигурен сум дека за време на неговото присуство тука, и за време на нашата билатерална средба, а потоа и на работната вечера, ќе можеме да размениме повеќе идеи, да видиме дали и како може да се да се надмине пречката, изјави деновиве Мицкоски.

Ставот на македонските власти е јасен, премиерот Мицкоски го повтори и спроти доаѓањето на Кошта – земјава нема да се помести ниту милиметар ако нема „фитбек“ од бугарска страна.

– Добрососедските односи се двонасочна улица. Не можете да танцувате сами – или танцувате со партнер или немате партнер. Ме загрижува почетокот на новата влада кај нашиот источен сосед, но се надевам дека, со текот на времето, рациото и разумот ќе преовладеат. Јас сум свесен дека имаат многу внатрешни проблеми. Гледам дека изгледа ќе бидат првата држава што ќе добие мерки од Европската централна банка, бидејќи ги фалсификувале и ги лажирале извештаите за буџетскиот дефицит. Имаат големи проблеми со инфлацијата, со економијата генерално, па можеби сега бараат нова тема, а најдобра тема е радикализирани ставови кога станува збор за македонското прашање. Но, ние сме трпеливи, ќе работиме и ќе победиме како многу пати што сме победиле во историјата, рече премиерот Христијан Мицкоски во врска со изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, дека Македонија треба да бара решенија, а не проблеми и дека Софија нема да отстапи од договореното од 2022 година.

Мицкоски рече дека земјава постојано нуди решенија, додека Софија пред себе има во минатото и други договори кои, за жал, не ги почитува, како потпишаната резолуција за заштита на човековите права.

– И на маса им стојат најмалку 14 пресуди што доаѓаат од Судот за човекови права во Стразбур, па тие не ги почитуваат. Е да, тие ќе ви кажат, „вие сакате да дојдете во клубот каде што сме ние“. Ние не сакаме да дојдеме во клубот каде што сте вие. Но, тоа е уцена и булинг. Ако веруваме и стоиме до европските вредности, тогаш треба да веруваме и да стоиме до европските вредности, а ако тие мислат дека се таму и за ние да бидеме таму, треба да ги прифатиме нивните барања, тогаш оваа влада нема да ја игра таа игра и сè додека сум премиер, додека не видиме испорака од нивна страна, ние нема да се поместиме ниту милиметар, дециден е Мицкоски.

Во однос на предлогот на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, за постепена интеграција во Европската Унија, премиерот рече дека е љубопитен да дознае повеќе каква е идејата и откако ќе има повеќе суштина, тогаш ќе може да зборуваме во јавност.

– Тие размислувања и идеи ги слушаме подолго време, не би можел да зборувам ништо додека не стане официјално. Канцеларот Мерц најави ваков развој на настаните уште на состанокот на Берлинскиот процес во Лондон минатата година и јас го коментирав тоа тогаш – дека ќе се случуваат нови предлози, нови можности во регионот итн.  Она што можам да го кажам во овој момент е дека сме љубопитни да дознаеме повеќе каква е идејата. Тоа, претпоставувам, ќе се случи на самитот во Тиват од 4 до 5 јуни, јас ќе бидам таму. Со нетрпение очекувам да ги слушнам овие концепти и овие идеи. Откако ќе имаме повеќе суштина, тогаш ќе можеме и да зборуваме во јавност, изјави Мицкоски.

И шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, уверува дека властите водат кредибилна надворешна политика што ги штити националните интереси и достоинството на државата. Одговарајќи на пратеничко прашање поврзано со евроинтеграцискиот процес и надворешната политика, министерот Муцунски нагласи дека барањето за дополнителни гаранции во однос на европскиот пат на државата е разумна и оправдана позиција, потсетувајќи на јавните ставови на повеќе европски лидери и претставници, меѓу кои и хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и белгискиот министер за надворешни работи, кои ја нагласиле потребата од дополнителни уверувања и предвидливост во процесот.

Официјална Софија обвинува: Скопје ги ескалира тензиите

Деновиве, внимание привлече изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова-Чамова, која во интервју изјави дека „властите во Северна Македонија треба да го искористат моменталниот ’отворен прозорец’ за проширување на Европската Унија, наместо да ги ескалираат тензиите со Софија“. Таа порача дека Бугарија нема да се повлече од договореното во 2022 година. Таа додаде дека тонот од бугарска страна останува исклучително позитивен, но рече дека често не го гледа истото политичко однесување од Скопје.

–Ова не е билатерално, туку прашање на односи меѓу земја кандидат и ЕУ. Се надевам дека Македонија ќе најде пристап што ќе го фокусира вниманието на исполнување на обврските, а не на барање конфликт со Софија. Се надевам дека ќе најдам политичка зрелост од другата страна за да се обидам да пристапам на овој начин. Често не го гледам тоа. Ставот на Софија останува непроменет. Ова е европската позиција. И ова беше главното достигнување во 2022 година. Постои широк консензус во Бугарија по ова прашање, изјави шефицата на бугарската дипломатија за БНТ.

Бугарската министерка за надворешни работи и шефот на македонската дипломатија, минатата недела, се сретнаа на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Шведска. Муцунски ја нагласил потребата од изнаоѓање решение на билатералното прашање кое го кочи процесот на отворање на преговорите со ЕУ, а Петрова-Чамова, пак, од својата страна, го потврди ставот на Софија дека спроведувањето на обврските е единствената гаранција земјава да напредува на својот евроинтегративен пат. Гарантирањето на правата на македонските Бугари останува приоритет за Софија, му рекла Петрова на министерот Муцунски.

Судир меѓу власта и опозицијата

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека продолжувањето на преговорите зависи само од власта, која ја обвини дека свесно го загрозува европскиот пат со лажен патриотизам, а нема желба да го направи тој чекор. Филипче уверува дека внесувањето на Бугарите во Уставот на никаков начин нема да ги загрози македонскиот идентитет, јазик или која било друга национална одредница. Во одговор на новинарско прашање дали СДСМ е сигурен дека уставните измени се последното барање од Софија и Брисел, Филипче го појаснуваше начинот на кој се водат преговорите со Унијата и рече дека билатералните прашања со која било земја членка на Европската Унија не се дел од нашата преговарачка рамка.

– Билатералните прашања се решаваат билатерално и никако не можат да влијаат или да го сопрат европскиот пат, односно отворањето и затворањето на кластерите, исто како што поминала секоја земја која се приклучила во ЕУ. Ова е само уште една лага и манипулација на оваа власт, затоа што сакаат, исто како и во очи изборите во 2024 година, да глумат патриоти, дека се тие на браникот на одбрана на националните интереси на државата, што не е вистина. Бидејќи со тоа не се продолжува европскиот пат, оваа власт, на чело со Христијан Мицкоски, директно ги загрозува националните интереси и иднината на земјата, рече Филипче.

Од опозицискиот СДСМ, вчера, исто така, го обвинија премиерот Христијан Мицкоски дека не исполнил уште едно од своите ветувања – дека до 1 јуни ќе бидат заокружени сите 10 точки од Реформската агенда од Планот за пораст на Европската Унија. Според социјалдемократите, рокот тоа да биде направено истече вчера, што покажува дека станува збор за уште една, како што велат, голема лага на Мицкоски. Од СДСМ го повторија своето барање за распишување референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат за патот на земјата кон Европската Унија и чекорите што треба да бидат преземени за напредок на земјата во процесот на пристапување.

– Граѓаните на Македонија веќе не сакаат да ја плаќаат цената за Мицкоски и неговата криминална група. Не сакаат тие, нивните семејства и нивните деца да ја плаќаат цената на изолацијата и грабежот. Распишете референдум! Граѓаните сами нека одлучат за својата иднина, стои во соопштението од СДСМ.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека Филипче ја продолжува политиката на национални отстапки, исто како и Заев во своето време и тврдат дека нема да има уставни измени без гаранции.

– Филипче нема прецизни ставови за тоа како би се спречиле идни блокади и вето, ниту како би се обезбедила сигурност дека државата нема повторно да се соочи со нови блокади. Уставните измени за промена на името беа последните што ги спроведоа СДС и ДУИ, а денес Филипче се обидува да го наметне истото сценарио, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму порачаа дека членството во ЕУ останува стратешка цел, но тоа не смее да биде оправдување за прифаќање нови отстапки без јасен исход и без заштита на националните интереси.

Кошта: Моментумот е тука

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од 1 до 5 јуни ќе го посети Западен Балкан за да се сретне со лидерите од регионот и да биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора, што ќе се одржи на 5 јуни. Како што информираа од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Кошта ќе разговара за можностите и за предизвиците околу проширувањето, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

– Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати, порача Кошта пред турнејата.

Кошта ќе ги посети шесте партнери од Западен Балкан, почнувајќи утре од Сараево. Во вторник, тој ќе биде во Тирана, од каде што ќе допатува во Скопје на средба со премиерот Христијан Мицкоски. В среда, Кошта ќе се упати кон Приштина, додека в четврток, 4 јуни, ќе го посети Белград. Турнејата ќе ја заокружи со посета во Црна Гора.

На 5 јуни, претседателот на Европскиот совет, Кошта, ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан. Главната тема на овој самит е „Заедничкиот просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“. (В. С. Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ