сабота, јуни 6, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА При огромен скок на цената на нафтата во светот: Македонија со најниски...

При огромен скок на цената на нафтата во светот: Македонија со најниски цени на горивата во споредба со соседите и земјите во регионот

207

Во период кога цените на горивата повторно бележат раст во речиси сите земји во регионот, Македонија се издвојува како една од државите со најниски цени на нафтените деривати, како на Балканот, така и пошироко.

Kако минуваат деновите на војната меѓу САД и Израел од една и Иран од друга страна, како и деновите во кои останува затворен Ормутскиот теснец низ кој минува 20 отсто од светската трговија со енергенси, така раснат „апокалиптичните“ сценарија за цената на гасот и нафтата, а со тоа и цената на бензините во светот, а  и кај нас.

Сепак, според последните споредбени податоци, просечната цена на горивата во Македонија се движи околу 1,35 долари за литар, што е пониско во однос на повеќето соседни земји како Грција, Бугарија, Косово и Србија.

Во споредба со Македонија, цената на горивата во Грција е значително повисока и се движи околу 1,9 евра за литар, што ја прави една од поскапите земји во регионот кога станува збор за бензинот и дизелот.

И во Бугарија горивата се поскапи од македонскиот пазар, каде цената се движи околу 1,22 евра за литар, додека во Србија и Косово во последните недели се забележува нов бран на поскапување.

Во Србија, бензинот достигнува околу 176 динари за литар, што е значително повисока цена во однос на македонската.

Приближни просечни цени на горивата во дел од земјите од регионот:

-Македонија – околу 1,35 $/л

-Бугарија – околу 1,22 €/л

-Косово – околу 1,42 $/л

-Грција – околу 1,9 €/л

Разликите во цените најчесто се должат на даночната политика, акцизите и државните регулаторни механизми, кои значително влијаат врз конечната цена на горивото на бензинските пумпи.

Пониските цени на горивото во Македонија директно влијаат врз трошоците за транспорт, логистика и секојдневно користење на автомобилите, што има ефект и врз цените на останатите производи и услуги. Поради тоа, стабилните цени на горивата се сметаат за важен фактор за економската стабилност и контролата на инфлацијата во една земја.

Сепак, цените на горивата во регионот и понатаму остануваат силно зависни од глобалните движења на пазарот на нафта, што значи дека можни се нови промени во наредниот период.

Зголемените тензии на Блискиот Исток и воените случувања во Иран можат дополнително да влијаат врз цената на нафтата на светските пазари. Експертите предупредуваат дека секоја ескалација во овој регион може директно да го наруши глобалното снабдување со нафта, што потоа се одразува и врз цените на бензинот и дизелот во целиот Свет.

Иако во моментов Македонија има релативно пониски цени на горивата во споредба со дел од соседните земји, постои реална можност тие да се зголемат доколку дојде до нов раст на цената на суровата нафта на светските берзи.

Од Владата на Република Македонија пред извесен период информираа дека внимателно ја следат состојбата на енергетските пазари и дека, доколку дојде до значително поскапување на горивата, можно е да се интервенира во делот на акцизите и другите давачки.

Според владините најави, ваквата мерка би имала за цел да го ублажи евентуалниот ценовен шок и да спречи нагло зголемување на цените на бензинските пумпи, со што би се заштитил стандардот на граѓаните и стабилноста на домашната економија.

Вчера и министерката за финансии Димитриеска-Кочоска изјави дека нема потреба од кревање паника по ова прашање.

-Апсолутно состојбата е во ред и ние ја следиме. Нема никаков проблем и нема потреба од создавање паника кај граѓаните дека нема да има нафта, рече министерката алудирајќи на обидите за кревање паника не смао во однос на цените, туку и во однос на тоа дали воопшто ќе има нафта и горива.

Одговорајќи на новинарски прашања по панелот за растот на економијата во Владата, Димитриеска-Кочоска информира дека завчера во Министерството се одржал состанок со нафтените компании и ниту една од нив не кажала, како што рече, дека има каков било проблем со залихи на нафта. Инспекторите во однос на цените и евентуални поскапувања, напомена, се на терен. Повеќе од 100 бензински пумпи биле посетени од Државниот пазарен инспекторат во тек на едно деноноќие.

Ако се оцени дека има потреба, вели министерката, Владата ќе прогласи кризна состојба и Министерството за финансии ќе ги активира инструментите согласно законот, рече Кочоска.

Таа упати прашањата за цените на бензините и нафтата да се упатуваат до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) која, информира, ќе заседава в понеделник.

– Вчера сите нафтени компании, беа прашани една по една и сите рекоа дека се е во ред. Ако газдите не знаат каква е ситуацијата, не може ние да велиме дека не е како што треба. Нема потреба од создавање паника, а законите имаат предвидено се и институциите ќе постапат. Сите ја следиме состојбата и соодветно ќе реагираме. Во законот за акцизи има автоматски стабилизатори. Тоа значи, ако се прогласи кризна состојба во државата, по автоматизам министерот за финансии носи одлука за промена на цената на акцизата. Ако е цената на нафтата оди нагоре, намалувањето е 1, 2 и 4 денари зависно од тоа во кој праг влегуваме. Но, состојбата ја следиме, се е под контрола. Нема потреба граѓаните да чувствуваат паника. В понеделник, РКЕ, која е надлежна за цените, ќе се состане. Таа одлучува како независен орган. Ние како Министерство сме ги вградиле автоматските стабилизатори и ако има потреба, Владата ќе прогласи кризна состојба и ние веднаш ќе постапиме. Во однос на претходни кризи и искуства гледаме дека ситуацијата е многу постабилна, но ние не сме експерти за нафта, најсоодветно е за тоа да ги прашате РКЕ – порача Димитриеска-Кочоска.

ИЗДВОЕНИ