Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави на својата социјална мрежа Truth Social дека Иран е жестоко нападнат, тврдејќи дека Техеран бил принуден да попушти под притисок од американските и израелските напади.
Трамп тврдеше дека Иран им се извинил на своите соседи на Блискиот Исток и ветил дека нема повторно да ги нападне.
„Ова ветување е дадено само поради континуираните американски и израелски напади“, напиша Трамп.
Тој додаде и дека Иран претходно се обидел да ја преземе контролата врз Блискиот Исток, но дека сега, како што тврди, за прв пат во својата историја е поразен од соседните земји.
Трамп употреби остра реторика во објавата, нарекувајќи го Иран поранешен „насилник на Блискиот Исток“, кој сега стана „губитник на регионот“.
Тој, исто така, се закани со нови напади во објавата, наведувајќи дека се разгледуваат дополнителни цели кои претходно не биле на листата на цели.
„Поради лошото однесување на Иран, сериозно се разгледува целосно уништување на одредени области и групи кои досега не се сметаа за цели“, напиша Трамп.
Неговите изјави доаѓаат откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно изјави дека привременото раководство на Иран одлучило да ги прекине нападите врз соседните земји, освен ако нападите врз Иран не бидат извршени од нивна територија.
Во исто време, Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГК) предупреди дека сите американски и израелски воени бази и интереси во регионот ќе се сметаат за примарни цели доколку продолжат нападите врз Иран, пренесе „Индекс“.












