Превозниците предупредуваат дека неизвесноста веќе ги тера возачите да одбиваат тури, додека транспортните компании стравуваат од дополнителни загуби и од застои во испораките. Од „Макамтранс“ велат дека со месеци бараат посебен режим за професионалните возачи, но без конкретен исход од европските институции. Доколку на утрешниот состанок во Брисел не биде понудено решение, превозниците најавуваат нов бран протести и блокади на граничните премини. Тие бараат времето поминато во Шенген поради работни обврски да не се пресметува во истата рамка како туристичкиот престој. Секторот предупредува дека продолжувањето на спорот може да се одрази и врз транспортот и снабдувањето меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија

Македонските превозници денеска со дваесетина товарни возила излегоа на протест пред Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи итно решение за правилото 90/180 дена, кое, како што велат, сериозно го загрозува меѓународниот транспорт и ја доведува во прашање работата на професионалните возачи од земјите што не се членки на ЕУ. Протестот, организиран од „Макамтранс“, е дел од координираната акција на превозниците од Западен Балкан, при што се одржаа слични собири и во Белград, Сараево и во Подгорица.

Превозниците велат дека протестот не е само предупредување туку и обид да се изврши директен притисок врз европските институции пред утрешниот состанок на работната група во Брисел, на кој се очекува повторно да се отвори прашањето за статусот на професионалните возачи од регионот. Тие очекуваат, конечно, да се стави на маса решение со кое нема да бидат третирани возачите како туристи кога престојуваат во Шенген, поради извршување на работните обврски.

– Ние, сите превозници од Западен Балкан, решивме да протестираме пред мисиите на Европската Унија и да ги потсетиме малку од ЕУ дека во јануари признаа дека возачите вршат дејност, но, за жал, веќе седум месеци ништо не се презема за да се надмине тој проблем – изјави генералниот секретар на „Макамтранс“, Билјана Муратовска.

Според неа, превозниците досега испратиле повеќе дописи и предлози, но без конкретен резултат. Токму затоа, како што вели, сега се бара политичка волја за надминување на проблемот.

– Во вонредни ситуации мора да постои политичка волја и да се донесе одредено решение за да се надминат сите проблеми – порача Муратовска, посочувајќи дека транспортот е директно поврзан со функционирањето на европската економија.

Превозниците предупредуваат дека проблемот не е само административен. Правилото 90/180 предвидува државјани на земји што не се членки на ЕУ да можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена во Шенген-зоната. За професионалните возачи, меѓутоа, ова ограничување е особено проблематично бидејќи нивниот престој во земјите од Шенген е поврзан со работа, а не со туристички или приватни патувања. Муратовска вели дека возачите се соочуваат и со дополнителен притисок на границите.

– Еден возач да го чуваш во кафез, односно во затвор три, четири или пет часа за да му провериш дали има надминато или нема надминато денови е, благо речено, страшна дискриминација и повреда на човековите права – рече таа, додавајќи дека ваквите услови може да влијаат и врз психофизичката состојба на возачите, кои потоа треба да продолжат да управуваат со тешки товарни возила.

Од транспортниот сектор велат дека проблемот веќе има директни последици врз работата на компаниите. Сенат Идризи од „Нес комерц“ од Тетово предупредува дека возачите стануваат сè повнимателни при прифаќањето нови тури, стравувајќи дека би можеле да го надминат дозволениот престој во Шенген-зоната.

– Имаме информации, нашите шофери имаат информации од своите колеги и се плашат да одат на пат. Значи одбиваат тури, одбиваат превоз и одбиваат работа – вели Идризи.

Тој посочува дека во неговата компанија веќе има конкретен случај на возач што морал да запре со работа поради страв од надминување на дозволениот број денови. Возачот, според Идризи, до 1 март имал евидентирани 99 дена престој во Европската Унија, при што во таа бројка биле вклучени и 15 дена одмор.

– Конкретно ние немаме платено пенали, ама имаме возач што застана од плашењето оти има броено 99 дена од 1 март. Значи во тоа тука е вклучено и дека 15 дена тој бил на одмор – објаснува Идризи.

Превозниците стравуваат дека доколку продолжи ваквата состојба, последиците нема да ги почувствуваат само транспортните компании и возачите туку и целокупниот синџир на снабдување. Тие велат дека секое откажување тура, задржување камион или забрана за влез создава дополнителни трошоци и неизвесност за компаниите што зависат од навремената испорака.

Од „Нес комерц“ велат дека доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе конкретно решение, превозниците се подготвени да ги заострат протестите и повторно да ги блокираат граничните премини.

– Ќе се организираме да блокираме граница исто како минатиот пат. И овој пат ќе се потрудиме да одиме докрај додека не се најде конечно решение, а не како минатиот пат со ветувања и немаше ништо конкретно – најавува Идризи.

Тој додава дека во евентуалните блокади би можеле да се вклучат и транспортерите на патници, со што протестот би имал уште поголем ефект.

– Би требало да имаме помош и од транспортерите на патници. Тогаш ќе се почувствува повеќе, ама ние сме решени да одиме докрај, да блокираме гранични премини – вели тој.

Превозниците потсетуваат дека и при претходните протести имало сериозни последици за дел од нивните колеги, вклучително и забрана за влез во одредени случаи. Според нив, ваквите искуства дополнително го зголемуваат стравот кај возачите, кои секојдневно треба да одлучуваат дали може да прифатат транспортна тура кон ЕУ.

– Се случуваше веднаш во неделата, кога прекинувавме со штрајкот, колеги да се соочуваат со забрани – вели Идризи.

Уште поголем проблем, според превозниците, е што најавите за билатерални решенија меѓу Македонија и одделни земји од Шенген не го решаваат суштински проблемот. Ќатип Даути од „Нес комерц“ смета дека професионалните возачи мора да имаат статус што ќе им овозможи непречено движење низ целиот Шенген-простор.

– Ние, како транспортери, сме загрозени, не можеме да ја вршиме нашата дејност. И не можам да разберам зошто не нè третираат како оние што превезуваат, односно авионите што ги возат, возовите што ги возат – вели Даути.

Како можно решение, Даути предлага професионалните возачи да добијат посебен режим на престој, преку работна или долгорочна виза што би им овозможила да ја извршуваат работата без постојано да стравуваат дека ќе го надминат ограничувањето.

– За нас нека обезбедат виза како работна или типот на Д-визата за подолг период, да можеме да ја работиме нашата работа без прекин – бара Даути.

Превозниците се скептични и кон билатералните договори што се најавуваат како привремено решение. Причината е што дозволата или визата издадена од една земја не би важела автоматски и во другите држави од Шенген.

– Ако добиваме ние хрватска виза, ќе имаме за Хрватска. Ако добиваме швајцарска виза, тоа ќе важи за Швајцарците, нема да важи кај Хрватите – објаснува Даути.

Затоа, според него, потребно е решение што ќе биде прифатено од сите држави во Шенген-зоната, а не одделни договори со секоја земја.

– Ако не се согласуваат целокупниот Шенген и Унијата и да ни дозволат, каде да добиеме виза, кој ќе ни дозволи виза да вреди кај сите држави, не би било во ред тоа. Значи поединечно не е решение – вели Даути.

Одлуката сега ја очекуваат од Брисел. Утрешниот состанок на работната група на кој треба да се разговара за статусот на професионалните возачи од Западен Балкан е клучен момент за превозниците. Од неговиот исход, според најавите од транспортниот сектор, ќе зависи дали ќе останат протестите предупредувачки или ќе прераснат во нови блокади на граничните премини.

(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски

ИЗДВОЕНИ