Македонската кикбокс репрезентација го заврши настапот на 31. Светски кикбокс куп во Будимпешта со извонреден резултат, освојувајќи дури четири златни и еден сребрен медал.
Во конкуренција на 2.011 натпреварувачи, со 3.012 влеза од 47 земји, македонските кикбоксери уште еднаш покажаа дека му припаѓаат во самиот врв на светскиот кикбокс.
Македонија настапи во Будимпешта со седуммина натпреварувачи, а дури петмина се враќаат дома со медал. Андреј Смилевски, Калин Бабоски, Пепи Велков и Туркер Исмали се закитија со златни медали, додека Радослав Велески освои сребро.

Особено импресивен беше настапот на Туркер Исмали во дисциплината кик лајт, стигнувајќи до златниот медал со четири борби и со четири победи.
Победи во финалните дуели забележаа Смилевски, Бабоски, Велков и Исмали, потврдувајќи ја одличната форма на македонската репрезентација.
Македонија имаше свој претставник и меѓу арбитрите. Елена Костадиновска беше дел од судискиот состав на овој голем меѓународен настан.

Првиот човек на Македонската кикбокс федерација, Дејан Митровски-Урко, е задоволен од постигнатото во Будимпешта.
- Од седуммина натпреварувачи, освоивме пет медали. Сакам да потенцирам дека од првенствата каде што има наши претставници, како и секогаш, носиме повеќе од половина медали во споредба со бројот на нашите натпреварувачи – изјави Митровски.
Тој особено го истакна фактот што ниту еден од македонските натпреварувачи не се здобил со посериозна повреда.
- Задоволен сум од очекуваните победи на сите полуфиналисти и финалисти. Најважно од сè е што ниту еден од нашите натпреварувачи не се здоби со некоја посериозна повреда – додаде Урко.

Тој смета дека овие млади кикбоксери се иднината на македонскиот кикбокс.
- Овие млади натпреварувачи и уште десетина други, кои поради повреда беа спречени да настапат на овој Светски куп, се новите ѕвезди во македонскиот кикбокс – порача тој.
Според него, успехот не доаѓа случајно, туку е резултат на сериозна работа и дисциплина.
- Резултатите се неизбежни кај секој што тренира редовно, ги слуша тренерите, се оградува од неспортски живот и има зацртано цел да успее – истакна првиот човек на Федерацијата.
Светскиот куп во Будимпешта беше последното контролно првенство за македонските кикбоксери оваа година. Сега вниманието е насочено кон Светското јуниорско првенство, кое ќе се одржи од 18 до 27 септември, кога ќе настапи Македонија со рекорден број од 18 натпреварувачи и со уште тројца тренери.
По јуниорското првенство следува најважниот настан за македонскиот кикбокс во 2026 година – Европското сениорско првенство во Скопје, кое ќе се одржи од 6 до 15 ноември.
- Нашата концентрација преку целата година е насочена на овие две првенства, кога треба да го дадеме нашиот максимум како натпреварувачи, тренери, стручен тим и земја домаќин – порача Митровски.
Четири злата и едно сребро од седуммина натпреварувачи се уште една потврда дека има Македонија сериозен потенцијал и дека најдоброто допрва може да дојде.

И најмладите покажаа доминација
И најмладите македонски кикбоксери имаа одличен настап на Светскиот кикбокс куп во Будимпешта, со два освоени медали: едно злато и едно сребро.
Митко Чавков се закити со златниот медал во категоријата до 42 килограми. Среброто му припадна на Александар Илиев, исто така во категоријата до 42 килограми.
Најмладите македонски претставници покажаа голема борбеност и квалитет во силна меѓународна конкуренција. Овие резултати се уште една потврда за големиот потенцијал што го има македонскиот кикбокс.
Со освоените злато и сребро, младите кикбоксери испратија јасна порака дека иднината на македонскиот кикбокс е во сигурни раце.











