Рехабилитирањето на фашистите мора да престане! Нелегитимната работна група за именување и преименување улици во Тетово, формирана од Советот на Општина Тетово, досега усвои 219 предлог-имиња за улиците во Тетово. Со цел, незабележливо за општата јавност, да ги усвои истите, а со тоа да рехабилитира низа фашисти, балисти и разни злосторници, ова општинско тело пласира во јавноста неточни или непотполни биографии на личностите чии имиња ги предлага, реагираат од градската организација на Сојузот на борците.
Оттаму обвинуваат дека во предлогот е прикачена невистинита биографија дека Реџепи бил еден од првите лекари од Тетово и човек што во 1993 застанал на чело на албанската политичка партија Народна демократска партија, подготвен да придонесе за правично решавање на „нашето“ прашање.
– Сепак, неговата биографија е поинаква. Јусуф Реџепи е лекар, професор на Универзитетот во Приштина. Завршил втор клас во тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во 1940 година. На 17 -годишна возраст бил вклучен во фашистичката ОВРА (Контраразузнавачка служба на Италија). Гимназија довршил во Приштина, од каде што бил испратен на тримесечен разузнавачки курс на ОВРА во Падова, Италија. Завршил курс и на римскиот отсек на ОВРА. Во Тетово се вратил во 1943 година и му пристапил на квислиншкиот фашистички албански баталјон Љуботен, како подофицер, а за неколку месеци бил унапреден во потпоручник, како и поручник во известувачката служба на Албанија. Токму неговото учество во фашистичките служби и јасната определба да им служи на фашизмот и балистичките формации, што работната група сака да го скрие, го прават неподобен да му биде укажана чест улица во Тетово да го носи неговото име – тврдат од Здружението на борци.
Оттаму ја осудуваат, како што велат, манипулативната изјава на членот на работната група, Оливера Гиченко, дадена за медиумите, во која вели дека работната група спровела фаза на прочистување и прифатила само имиња што не се против уставниот поредок на Република Македонија.
– Вистинското прашање е како едногласно прифатија госпоѓа Гиченко и другите членови на работната група улица во Тетово да го носи името на Јусуф Реџепи кој бил фашистички разузнавач, Џафер Сулејмани кој бил окупаторски градоначалник, Фадил Сулејмани кој го негирал постоењето на македонските народ и држава и имиња на многу други припадници на фашистички организации и движења, милитанти, исламисти или, пак, целосно општествено нерелевантни поединци – додаваат од Здружението.












