понеделник, август 31, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА СО 433 ПАРАЛЕЛКИ И СО ОКОЛУ 3.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ, УТРЕ СТАРТУВА НОВАТА...

СО 433 ПАРАЛЕЛКИ И СО ОКОЛУ 3.000 ПРВАЧИЊА ПОМАЛКУ, УТРЕ СТАРТУВА НОВАТА УЧЕБНА ГОДИНА: Државата и годинава ќе им ги плаќа трошоците за пат и за учество на меѓународни олимпијади на талентираните ученици

Во новата учебна година, продолжува грижата за талентираните ученици, која во минатото недостигаше, изјави вчера министерката за образование, Весна Јаневска

4

Талентираните ученици што ќе се изборат да учествуваат на некоја меѓународна научна олимпијада, и во претстојната учебна година ќе добиваат помош од државата. Ова денеска го најави министерката за образование, Весна Јаневска, која на прес-конференција во Министерството за образование зборуваше за подготвеноста за утрешниот почеток на новата учебна година во земјава.

– Во новата учебна година, продолжува грижата за талентираните ученици, која во минатото недостигаше – Министерството целосно ќе ги покрива трошоците за пат и за учество на меѓународни научни олимпијади. Досегашната поддршка е зголемена и МОН целосно ќе ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и на нивните ментори, кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и за да ја претставува својата земја – рече Јаневска.

Зборувајќи за стартот на новата учебна година, таа рече дека продолжува трендот на намалување на бројот на ученици. Според пристигнатите податоци во МОН, учебната година ќе ја почнат 238 илјади ученици, од кои 174 илјади основци и 64 илјади средношколци. Првпат во училишните клупи ќе седнат 14.952 првачиња, што е за околу 3.000 првачиња помалку отколку во минатата учебна година. Инаку, во земјава во 2020 година биле родени 19.013 деца, а кои сега требаше да седнат во училишните клупи

– Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември времено ќе се затворат 26 подрачни училишта. Вкупниот број  празни училишни објекти во Македонија, претежно во руралните средини, е 148. Негативниот тренд поттикнува и реорганизација на училишната мрежа и на работата на училиштата. Процес за кој се заложивме во изминатите неколку месеци е оптимизација на паралелките во постојните училишта, што значи спојување на помалите паралелки една со друга или приклучување кон поголемите, а во интерес на учениците: да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натпреваруваат. Не е тајна дека опстојуваа со години, на пример, две паралелки со по двајца ученици на иста возраст и во исто училиште. Сега ги обединивме таквите и затоа ќе имаме 433 паралелки помалку во образовниот систем годинава: 222 во основното образование и 211 во средното – објасни министерката.

Таа додаде дека е оптимизирана училишната мрежа и дека  значително се подобрени условите во голем број училишта, а учениците преместени во други училишта ќе одат пеш доколку им е училиштето поблизу од 2,5 километри од домот, а ќе имаат превоз ако е подалеку. Во 620 училишни објекти од вкупно 1.023 во основното и во средното образование, ќе има едносменска настава.

– Трета година по ред, учебниците се навремено набавени во тираж што го побараа училиштата. Тие се испорачани и уште утре можат да им бидат поделени на учениците. Задоволство ми е што повеќе не е предизвик прашањето за учебниците, како во минатото. Годинава, набавени се 622 илјади учебници и остварени се заштеди од 50 милиони денари споредбено со годината пред да го преземам раководењето со оваа институција – рече Јаневска, додавајќи дека се набавени целосно нови учебници во полн тираж за прво, второ и за трето одделение, како и за осмо одделение и за втор клас во гимназиското образование, каде што ќе се учи по нови наставни програми.

Завршени се реконструктивните активности во 20-ина училишни објекти и спортски сали. Се градат и четири нови сали, кои многу скоро ќе бидат пуштени во употреба.

Ангажирани 1.524 образовни асистенти

– За да им се олесни процесот на образование на учениците со посебни образовни потреби, ангажираме 1.358 образовни асистенти во основното и 166 во средното образование. За учениците што се на подолго болничко или домашно лекување, ќе потсетам дека е достапна можноста што законски ја уредивме минатата година: да се вклучат онлајн во наставата во класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив – нагласи Јаневска.

ИЗДВОЕНИ