Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека новото опасно жариште е кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што гори борова шума. Потенцираше дека од 23 регистрирани пожари на отворено вчера, утринава седум сè уште биле активни
Пожарот под Пелистер е ставен под целосна контрола, по жестоката битка со огнот во текот на ноќта.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, соопшти дека новото опасно жариште е кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што гори борова шума.
Потенцираше дека од 23 регистрирани пожари на отворено завчера, вчера утрината седум сè уште биле активни.
Најтешката битка изминатите два дена се водела во подножјето на Пелистер. Пожарот почнал од преспанската страна, а огнот вчера ја преминал противпожарната пресека.
– Водевме жестока битка со пламените јазици и можам да кажам дека овој пожар е ставен под целосна контрола – изјави Ангелов, потенцирајќи дека на терен се пожарникари од Ресен, со голема поддршка од нивните колеги од Битола. Ангажирани се и тимови на ДЗС, со пет „пинцгауери“. На терен дејствувале и доброволни пожарникари. Во гаснењето се вклучил и армиски хеликоптер со ведро од три тона. По него треба да дејствуваат два „ертрактори“ на Дирекцијата, а по потреба, и полициски хеликоптер.Со еден збор, концентрирани се големи сили за ставање на овој голем пожар под контрола, но се работи за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона – изјави Ангелов, додавајќи дека главната цел е да не навлезе огнот во квалитетната шума на Националниот парк „Пелистер“.
Според Ангелов , второто тешко жариште се отворило во неделата вечерта, кај селото Градец во Општина Врапчиште. Пожарот зафатил борова шума на тешкопристапен терен.
Утринава дејствувал полициски хеликоптер.
– Близината на мало езеро му овозможува да полни вода и да прави нов налет на секои пет-шест минути. Хеликоптерот помага за значително намалување на кракот што се движи кон селото – вели Ангелов.
Тој вели дека се на терен и гостиварските пожарникари, а доколку биде потребно, ќе бидат испратени и дополнителни сили.
Активни се уште неколку пожари на поголеми површини. Според Ангелов, тие во моментов не се алармантни и не загрозуваат населени места.
Опасноста од нови пожари, сепак, останува многу голема низ целата држава. Дождот во источните делови само краткотрајно ја намалил сувоста на вегетацијата, смета првиот човек на ДЗС.
– Целата држава е високоризична за појава на пожар и притоа пожарите лесно може да се шират, особено ако дува ветер на зафатените подрачја – предупреди Ангелов.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека денеска до 13:00 часот биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, од кои девет се активни, три се под контрола, а еден е изгаснат.
Активни се пожарите во: селото Подмочани, во местото викано Макази, Општина Ресен, каде што горат борова шума и ниска вегетација; селата Копаница и Радуша во Општина Сарај, каде што горат нискостеблеста шума и ниска вегетација; над селото Палиград во Општина Зелениково, каде што е зафатена мешана шума; над селото Нежилово, во местото викано Сватови, во Општина Чашка, каде што горат ниска вегетација и единечни дрвја; во селото Урвич, Општина Боговиње, каде што гори нискостеблеста вегетација; во селото Градец, Општина Врапчиште, каде што е зафатена борова шума; помеѓу селата Барбарево и Стиник во Општина Ново Село, каде што горат ниска вегетација и мешана шума; во селото Долна Белица, Општина Струга, каде што гори стрниште и во селото Ловени, Општина Кривогаштани, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола се ставени пожарите кај: селото Трново во Општина Гостивар; кон селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде што се зафатени нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат; во селото Драгов Дол, Општина Македонски Брод, каде што горат ниска вегетација и шума и пожарот на градската депонија во Општина Делчево.
Воедно, изгаснат е пожарот кај клучката Арачиново – Илинден во Општина Гази Баба.
(А. П.)












