Неколку концерти и настани ќе се одржат деновиве во Скопје, по повод прославата на 35 години независност на нашата држава. Покрај сите македонски фолк, поп, рап, реге, рок-ѕвезди и оперски пејачи, во главниот град, пред македонските граѓани настапуваат и шпанскиот оперски тенор Хозе Карерас и францускиот диџеј Дејвид Гета
Деновиве, Скопје, главниот град на Македонија, ќе биде центар на забавата по повод прославата на 35 години независност на нашата држава.
Најавени се неколку бесплатни концерти, а сите настани започнуваат во 20 часот.
Притоа, на 1 септември, на плоштадот „Македонија“ ќе настапат македонските фолк и поп-ѕвезди Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Маја Оџаклиевска, Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, како и оперските пејачи Ана и Игор Дурловски заедно со шпанскиот оперски и светски тенор Хозе Карерас.

– По повод одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија, на 1 септември, на Градскиот плоштад во Скопје, ќе се одржи еден од најголемите музички проекти во историјата на земјата. Светски познатиот Карерас ќе настапи заедно со Македонската филхармонија и елитната домашна естрадна и оперска постава. Вака организаторите од „Авалон продукција“ го најавија настанот.

Концертот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“ и ќе биде бесплатен и отворен за сите граѓани. Денес течат подготовките за концертот и сцената се мести на скопскиот плоштад.
На 2 септември, пак, на платото на пред салата „Борис Трајковски“, како дел од настанот „Најдоброто од Македонија“, ќе настапат „Слаткаристика“, „Суперхикс“, „2 Бона“, Фанк Шуи и Дина Јашари.
– На една сцена – артисти со кои пораснаа и сè уште растат многу генерации. Една вечер, различни генерации и комбинација од најдоброто од македонската музика на едно место, посочуваат организаторите.

Следува уште еден отворен и бесплатен концерт за граѓаните на Македонија – на 4 септември, на плоштадот „Македонија“ во Скопје ќе се одржи и настанот „Силно светнал ден“, во кој учествуваат бројни македонски музичари и уметници. По настапите низ повеќе градови во Македонија, големиот музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“ во режија на Дејан Пројковски за 35 години независност, на 4 септември доаѓа и во главниот град. Во него, македонскиот актер, пејач и шоумен Игор Џамбазов излегува на сцената заедно со повеќе од 30 македонски изведувачи за да ја раскажат приказната за Македонија низ музика, театар, поезија и современ сценски израз. Притоа, Џамбазов, како главен лик, домаќин и раскажувач ја води публиката низ различните времиња и генерации. Сценариото започнува со едно навидум едноставно прашање: како се пишува песна за Македонија? Од тој генерациски музички предизвик се отвора патување низ македонската културна и колективна меморија – од Блаже Конески, Кочо Рацин, Крсте Петков Мисирков и Гоце Делчев, преку македонската книжевност и големите музички рефрени, до хип-хопот, новите генерации и младите луѓе на кои им припаѓа иднината. На сцената настапуваат Тамара Тодевска, Пере Нокаут, Игор Дурловски, Пеце Суперхикс, Бојана Скендеровски, Бранко Николовски, Зуица Лазова, Александар Тарабунов, Полина Тасева, Бојан Стојков, Миле Кузмановски, Огнен Здравковски, Дорис Димовска, Андријана Јаневска, Елена Ристевска, Ана Дурловска, Ана Петановска, Драган Мијалковски, Димитар Андоновски, Дарко Гроздановски, Ружица Брчиоска, Таско, „Некст тајм“, Тони Зен, Јанг Дади, Лина Пејовска, Марија Спасовска и Мина Блажев. Нивните различни генерации, жанрови и музички јазици се дел од самата идеја на спектаклот: 35 години да не бидат претставени како хронологија, туку како жива приказна во која минатото разговара со сегашноста – триесет и пет години, една приказна што сè уште ја пишуваме.

На 8 септември, на Денот на независноста, пак, на Националната арена „Тоше Проески“ ќе настапи француски диџеј и продуцент на хаус музика, Дејвид Гета.
– Без сериозна конкуренција, најголемото шоу на европски артист оваа година се вика „David Guetta Full Monolith Stadium Show“. Од музички, а особено од продукциски аспект, ова е нешто досега невидено во европски рамки, а можам да кажам и во светски рамки. И ние се потрудивме истото тоа шоу да го видиме и во Скопје на 8 септември“, рече Бобан Милошески од „Авалон продукција“ најавувајќи го концертот, кој ќе го реализира во соработка со Владата. Билетите за овој настан се одамна распродадени.












