Познатиот македонски хеви-метал бенд „Конспираси“ од Скопје е победник на 59. издание на „Гитаријада“, еден од најстарите рок-фестивали во регионот, кој од 27 до 29 август се одржа во Заечар, Србија. Бендот е прогласен за најдобар од стручното жири во силна конкуренција на балкански рок состави.
Фестивалот кој постои од 1966 година е посветен на промоцијата на млади и неафирмирани рок-бендови, кои на фестивалот имаат можност да се претстават пред пошироката публика.
По големиот успех, членовите на „Конспираси“, во состав Стефан Трајкоски – вокал и гитара, Адриан Петров – гитара, Раде Биковски – бас-гитара и Александар Стефановски – тапани, преку социјалните мрежи им се заблагодарија на сите што им ја дале поддршката и биле дел од нивниот настап на фестивалот.
– Голема благодарност до сите за огромната поддршка што нè доведе до победа на 59. „Гитаријада“ во Заечар! Благодарност до целиот тим на „Гитаријада“ и сите кои беа дел од реализацијата на овој легендарен настан. Ви благодариме за гостопримството и за прекрасната организација! Се гледаме!“, напишаа од бендот.
Тие со својот настап и успех уште еднаш покажаа дека македонската рок и метал сцена има квалитет, енергија и истрајност со која можат да ја освојат и публиката и жири комисијата.
Во ревијалниот дел на трите фестивалски вечери настапија и познати групи од регионот како „Црвена јабука“, „Зостер“, „Лету штуке“, „Неверне бебе“, Горан Баре и „Мајке“ и „Дивље јагоде“.
Покрај „Конспиранси“ од Скопје, кој ја освои главната награда според гласовите на стручното жири, победник според гласовите на публиката е бендот „Артерије“ од Брод, а наградата „Моша Раденковиќ“ отиде во рацете на Ена Ѓорѓевиќ.
Инаку, „Конспираси“ (Conspiracy) е македонски треш и хеви-метал бенд, формиран во 2016. Бендот важи за едно од најактуелните и највпечатливите имиња на современата македонска и регионална метал сцена.
Нивниот дебитантски студиски албум, кој го објавија како награда по победата на „Лузер фест“ е „Dehumanized“ (2019), „Заговор“ (2025) е втор студиски албум, промовиран во живо во Скопје. Нивните познати синглови со видеоспотови се „Гнев“, „Предрасуда“ и „Прогонува“. Покрај победата во Заечар, бендот истата година го освои и второто место на регионалниот избор „Wacken Metal Battle – Balkan Regions“ во Загреб.












