Девизните резерви на Македонија, на крајот на јуни, достигнаа 4.936,4 милиони евра (4,94 милијарди евра), задржувајќи се на ниво што Народната банка го оценува како сигурно. Во исто време, најновите макроекономски показатели упатуваат дека домашната економија покажува отпорност, и покрај неизвесноста што доаѓа од надворешното окружување.

Монетарните показатели покажуваат дека депозитите продолжуваат да растат, а дополнителен импулс има и кредитната активност. Од Народната банка посочуваат дека кредитната поддршка на економијата се зголемува со динамика која е посилна од претходно очекуваната.

На седницата, Советот на Народната банка донесе и нова одлука со која се менува начинот на идентификација на платежните сметки и се доуредуваат стандардите за нивната конструкција. Регулативата е усогласена со развојот на платните системи, меѓународните стандарди и правилата што се применуваат во рамките на СЕПА. Клучната промена се однесува на воведувањето на ИБАН како единствена идентификациска ознака на платежната сметка при националните платежни трансакции. Тоа значи дека од 1 ноември 2026 година, домашните плаќања ќе се иницираат, обработуваат и ќе се реализираат со користење на ИБАН.

Со ова треба да се воспостави единствен и стандардизиран начин на идентификација на платежните сметки, како за домашниот платен промет, така и за прекуграничните трансакции, во услови на сè поголема интеграција на македонскиот платежен систем со европските стандарди.

 

ИЗДВОЕНИ