Продолжување на соработката со Евроконтрол, зајакнување на воздухопловните институции и подготовка на системот за очекуваниот раст на авиосообраќајот биле во фокусот на денешната средба на министерот за транспорт, Александар Николоски, со генералниот директор на Евроконтрол, Раул Медина.

Зголемениот број летови и патници во земјава наметнува потреба од дополнително унапредување на техничките, оперативните и човечките капацитети на институциите задолжени за воздушниот сообраќај, било истакнато на средбата.

На разговорите присуствувале и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Драги Стојаноски, и директорот во М-НАВ, Владимир Ристески. Биле разгледани досегашните активности со Евроконтрол, како и можностите за продлабочување на соработката, особено во делот на јакнење на капацитетите на националните воздухопловни власти.

Николоски посочил дека Владата работи на дополнително развивање на техничките и оперативните можности на Агенцијата за цивилно воздухопловство и Македонската Навигација. Во тек е и подготовка на план за унапредување на човечките ресурси, со цел институциите да можат да одговорат на зголемените потреби и на очекуваниот натамошен раст на воздушниот сообраќај.

Според министерот, владините мерки се насочени кон подобрување на оперативноста на воздухопловните власти и создавање услови за стабилен и одржлив развој на цивилниот воздушен сообраќај.

Македонија во изминатиот период бележи раст на авиосообраќајот и во бројот на операции и во бројот на патници. Тоа, како што било оценето, придонесува за подобра воздушна поврзаност на земјата, привлекување нови авиокомпании и отворање дополнителни можности за граѓаните и економијата.

Дополнително зајакнување на техничката инфраструктура се очекува со новиот радарски систем, кој е веќе инсталиран. Неговото ставање во функција треба да придонесе за подобрување на капацитетите за управување со воздушниот сообраќај.

На средбата била потврдена и потребата од продолжување на партнерството со Евроконтрол, особено преку Програмата за поддршка на државите. Соработката е насочена кон националните приоритети и кон унапредување на безбедноста, ефикасноста и квалитетот на воздушниот сообраќај во Македонија.

 

ИЗДВОЕНИ