четврток, јуни 25, 2026
Дома МАГАЗИН Јаков Јозиновиќ „за чуда лета“ и ќе слета на сцената на Античкиот...

Јаков Јозиновиќ „за чуда лета“ и ќе слета на сцената на Античкиот театар во Охрид

77

Концертот ќе биде исполнет, покрај со насловната композиција „Ја за чуда летим“, и со песните, потенцијални нови хитови: „На мјесту мом“„Четири ласте“„Мери“„Вољела би то“„Стол за двоје“… но и со добропознатите  „Ја волим кад си ту“ и „Поље ружа“

Естрадното балканско чудо, поп-пејачот Јаков Јозиновиќ, кој потекнува од Хрватска, првпат ова лето ќе го сподели својот музички репертоар во Охрид, на сцената на Античкиот театар, на 3 август (во организација на „Евентум“). Концертот е закажан по неговите големи распродадени концерти на просторите на цела поранешна Југославија и по осумте преполни концерти во Белград, повеќе и од Здравко Чолиќ.

Македонската публика во Охрид, а со тоа и многубројните туристи, ќе имаат можност да уживаат во премиерната изведба на новите песни од неговиот прв самостоен албум, „Ја за чуда летим“.

– Овој мој прв албум, за мене, е многу повеќе од десет песни. Тоа е приказна за мојот живот, кој ми се смени откако ја живеам оваа мегапопуларност. Песните зборуваат за луѓето што ги запознав, што ги засакав, за емоциите што ги доживеав и за соништата што ги сонував. Секоја песна носи дел од мене. Среќен сум што, конечно, можам да ги споделам со публиката. Им благодарам на сите што веруваа во мене од самиот почеток, на авторите, музичарите и на целиот тим. Најмногу им благодарам на моите обожаватели од Вардар до Триглав, оние што ми дадоа ветар во грб. Се надевам дека секој ќе се пронајде во некоја од песните – радосно изјави секогаш насмеаниот Јаков Јозиновиќ.

Тој многу сака да се шегува на сопствена сметка. Па така, во едно скорешно интервју, кажа дека од мајчина страна има македонско потекло, токму од Охрид.

– Јас само се шегував, ништо страшно. Охрид прв ми падна на ум, па кажав дека мајка ми е охриѓанка. Градот ми се виде неверојатно убав, како некаде на некое море. Никој нека не ми се лути, а и да е така, секако дека би бил горд да имам мајка од Охрид, од Македонија. Вие, Македонците, сте исклучително весела публика. Секој сака, по мојот настап, да се слика со мене, да направи муабет, а јас, колку што можам физички да издржам, им излегувам на моите македонски обожаватели во пресрет. За да бидете поупатени во неговиот деби-албум, еве корисни податоци за песните и за авторите. Изданието содржи десет песни што претставуваат спој на современ поп-звук, искрени емоции и модерна продукција што чекори во ритам со светските музички трендови. Покрај насловната композиција, „Ја за чуда летим“, на албумот се наоѓаат и песните, потенцијални нови хитови: „На мјесту мом“, „Четири ласте“, „Мери“, „Вољела би то“, „Рај“, „Нема спавати“, „Стол за двоје“, како и веќе добропознатите хитови Ја волим кад си ту“ и „Поље ружа“. Албумот е објавен во издание на „K.S.V. Creation“, а зад него стои тим од докажани автори, музичари и продуценти од различни генерации. Текстовите и музиката ги потпишуваат познатите: Лаура Сучец, Матија Цвек, Јосип Паламета, Јерко Дрљо, Драган Брајовиќ и Јелена Трифуновиќ, додека за продукцијата се погрижија Махир Сарихоџиќ, Марко Паламета, Срѓан Секуловиќ-Сканси, Томислав Пресечки и Зоран Швиги.

Со ова студиско издание, Јаков Јозиновиќ отвора едно ново значајно поглавје во својата музичка кариера, потврдувајќи дека успехот што го постигна досега не е само преку кавер-верзиите. Така што „Ја за чуда летим“ претставува резултат на посветената работа, талентот и на автентичниот музички израз на овој пејач пред кого е блескава кариера.

(Д. М.)

 

ИЗДВОЕНИ