Премиерата на претставата, која е закажана за в петок, 27 ноември, во МНТ, е базирана на мотив од драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, а е посветена на големиот Горан Стефановски. Во „Црно злато“, драмскиот фокус е на семејството погодено од социјалните, политичките, етичките, како и родовите транзиции
Претставата „Црно злато“, според текст на драмскиот писател Дејан Дуковски, а во режија на Слободан Унковски, премиерно ќе биде изведена на 27 ноември, со почеток од 20 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар.
Станува збор за текст чиј мотив е драмата „Парите се отепувачка“ на Ристо Крле, кој авторот Дуковски го посветува на Горан Стефановски. Во „Црно злато“, драмскиот фокус е на семејството погодено од повеќекратни транзиции – социјални, политички, етички, како и родови.
– „Црно злато“ не е ниту фолклорен текст ниту е на кој било начин натопен во некое македонско милје, туку е една поширока анализа за идентитетот, но не на оној едноставен начин, како што би рекле – јас сум Македонец. Не. Туку е анализа на идентитетот на секој човек – од тоа дали е машко, женско или не е ни машко ни женско, туку нешто трето. Практично, во претставата што трае околу два часа и десетина минути, ова прашање се преиспитува, се игра, се случуваат разни работи, се решаваат разни дилеми на разни учесници во тој процес – родители, деца и така натаму, рече на денешната прес-конференција режисерот Слободан Унковски.
Како што истакна тој, направиле претстава која не се занимава многу со психологија, туку со настани, со динамика, со енергија и со една мала екипа од осум-девет луѓе.
– Се обидовме сите максимално да го отвориме тоа прашање и да ги најдеме вистинските одговори за разни видови љубов, за разни видови комуникација и за разни прашања за идентитетот, за кои многу често се зборува во Македонија, а јас би рекол многу често и површно, рече Унковски.

Додаде и дека ние како општество одиме назад во моралните вредности.
– И сè што беше некаква придобивка во последните 30, можеби 40 години, во смисла на ослободување на личноста, жената и воопшто, ослободување, паѓа.
Истакна дека е одлично што Дуковски му го посветил текстот на Стефановски бидејќи на многу места се цитираат разни делови од негови текстови и, на некој начин, тоа наследство се продолжува од Крле, преку Стефановски, па Дуковски.
Како што откри режисерот, со Дуковски повторно ќе работат заедно на неговиот најнов текст, кој е драматизација на романот „Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков, а претставата се подготвува за театарот во Солун. Се надева дека премиерата ќе биде на почетокот на идната година. Претходниот период, пак, работел, како што рече, голема претстава во бугарскиот театар „Иван Вазов“ во Софија, со екипа од над 30 глумци.
– Мислам дека тоа се тие патишта на идентитет. Кога ќе се појавам, да се знае од каде, да се случат работи што се добри, што ја поддржуваат значајната слика за нашата земја, за нашиот јазик, рече Унковски.

Дејан Дуковски рече дека ова е негова десетта претстава во МНТ, а петта со режисерот Унковски. Текстот „Црно злато“ го посветил на својот професор, Горан Стефановски.
– Затоа што Горан е мојот учител. Многу научив од Горан, за драматургија и општо за животот. Во „Црно злато“ има многу трагови од делото на Горан. Не можам да кажам дека ова е римејк на „Парите се отепувачка“, ама целата структура, целата приказна во драмата тргна од овој мотив, како некаква рефлексија на „Парите се отепувачка“. Драмата „Црно злато“ не реплицира на драмата на Ристо Крле, едноставно, тргнува од една можна таква приказна, која и не се случува така во мојата драма, рече авторот Дуковски.
Истакна и дека поднасловот на текстот е „Опиум и пари“, а приказната, на некој начин, е врзана со опиумот, познат како „црно злато“. Бидејќи Македонија, на крајот на 19 и почетокот на 20 век, била голем производител на опиум, кој бил познат по својот квалитет.

Улогите во претставата ги толкуваат Јовица Михајловски како Димитрие, таткото, „заебан и забеган“; Мими Таневска како Мара, загрижена и „отидена“; Камка Тоциновски како Анѓела, изгубениот син Анѓеле, кој се враќа дома како исполнета жена на средни години; Нела Павловска како Кате, ќерката и помалата сестра на Анѓеле, заглавена во фамилијарната транзиција; Григор Јовановски како Семир, трговец поединец, речиси адвокат, „насукан“ на Кате; Сашко Коцев како Киро, бивша љубов на Анѓеле; Софиа Насевска-Трифуновска како Извршителот, претходно Сале пицајзла и Гораст Цветковски како Барабата.
Актерот Јовица Михајловски кој го игра Димитрие, рече дека таткото претставува еден архетип, кој, за жал, сè уште е вкоренет овде, на Балканот и во регионот.
– Со одбивање на секакви различности и со традиционални вкоренети сфаќања, како што пишува во текстот: тој е примитивен Балканец и патријархална неука будала, рече Михајловски додавајќи дека смета дека ова е најдобриот текст на Дуковски.
За актерката Камка Тоциновски, пак, која ја толкува улогата на Анѓела, која, е всушност, изгубениот син на Димитрие и Мара, ова е трета соработка со Унковски и Дуковски.
– Станува збор за повеќеслојна приказна, преплетена жанровска претстава, и една многу обемна улога да се износи, емотивно тешка, која носи многу брзи емотивни промени. И како што вели Анѓела: „Долго работев на сопствениот идентитет“, рече Тоциновски.
Додаде дека Анѓела, е всушност, единствениот лик кој го наоѓа својот идентитет.
– И тука е парадоксот. Тоа е трагикомедијата на целата пиеса, значи ако некој знае во што транзитирал, тоа е Анѓела. Но Анѓела се враќа и да отвори прашања на некои патријархални норми, да отвори прашања на многу човечни теми како што се разбирање, прифаќање, љубов. И ако некој се распаѓа, тоа е таа фамилија, што е синоним за распаѓањето на едно општество кое се наоѓа во вечна транзиција. И мислам дека клучната реплика во оваа драма е: „Ние некаде тргнавме, ама никаде не стигнавме“, рече Тоциновски.
Истакна и дека за нејзиниот лик ѝ било полесно да ги избалансира машката и женската енергија, но поголем предизвик да ја разбере состојбата во која се наоѓа. „Таа го носи своето бреме, со идеја дека ќе намири некакви долгови, тие непремостливи разлики кои ги има со таткото и со фамилијата ќе ги стабилизира на некој начин, за да може да продолжи да живее…“.
Креативниот тим на претставата го сочинуваат сценографот Бранко Хојник, костимографот Александар Ношпал, композиторот Златко Ориѓански. Асистент на режисерот е Звездана Ангеловска, а асистентот на сценографот – Мартин Манев.
Како што рече Александар Ношпал, во однос на костимите се обиделе да задржат една чистина, минимализам, и воедно тие да бидат и реални, и иреални, и на тој начин поинаку да се претстави целата реалност.
Претпремиерно претставата ќе се прикаже на 26 ноември. (Н. И. Т.)












