На сцената на Македонската опера и балет, во рамките на годишниот настап и одбележувањето 77 години постоење, настапија сите генерации на АКУД „Мирче Ацев“, кои со своите посветеност, талент и љубов кон традицијата приредија вечер што долго ќе се памети. Особено големи емоции предизвика настапот на најмладите членови, а нивниот успех, секако, најмногу им значеше на нивните родители, кои со гордост ја проследија нивната изведба

Емоции, насмевки, гордост, громогласен аплауз и стоечки овации ја одбележаа концертната вечер на Академското културно уметничко друштво „Мирче Ацев“ од Скопје, одржана завчеравечер, во Македонската опера и балет. На сцената, во рамките на годишниот настап и одбележувањето 77 години постоење, настапија сите генерации на друштвото, кои со своите посветеност, талент и љубов кон традицијата приредија вечер што долго ќе се памети.

Особено големи емоции предизвика настапот на најмладите членови, а нивниот успех, секако, најмногу им значеше на нивните родители, кои со гордост ја проследија нивната изведба.

Присутните во салата повеќе од два часа уживаа во изведбата на познатите македонски песни и ора, а вечерта беше истакната и пораката за почит и разбирање во семејството, во другарувањето и во односот кон спротивниот пол.

 

На концертот учествуваа сите членови на АКУД „Мирче Ацев“, од најмладите до ветераните, хорот, игроорците и оркестарот.

Во рамките на програмата беа изведени „Женско чанче“,„Жетварка“ (сплет игри), „Лазаренки“, Македонско девојче“, „Чупурлика“ и „Вувчанско“, како и сплет од игри „Долна Преспа“, „Пирин“ и „Врање“.

Тие го оставија срцето на сцената, а гордоста на публиката, која потврди дека се работи за најголемите амбасадори на македонската култура, беше повеќе од очигледна.

По концертот, социјалните мрежи се исполнија со емотивни пораки од родителите, кои не го криеја воодушевувањето од настапот на децата. За нив, најголема награда не е само аплаузот туку моментот кога излегуваат тие на сцената, сигурни во себе, насмеани и свесни дека може да го покажат она за што вредно работеле.

– Најскапа е среќата на нивните лица кога ќе застанат на бината и никој не може да им ги одземе милината и убавината во душата кога знаат дека можат и знаат – напиша еден од родителите.

Други, пак, ги нарекоа младите изведувачи свои амбасадори и гордост, посочувајќи дека нивниот настап бил еден од најубавите моменти на вечерта. Родителите упатија особена благодарност и до наставникот Љубе Јаневски, за неговите посветеност и придонес во успехот на младите членови, со оглед дека зад секој настап стојат часови вежбање, трпение, дисциплина и работа, но и поддршка и охрабрување да продолжат.

– Ви благодариме, деца, за тоа што сте и за тоа што ќе бидете ако продолжите вака – е пораката што, можеби, најдобро ја доловува суштината на оваа вечер.

За младите членови на АКУД „Мирче Ацев“, концертот беше уште една можност да покажат дека живее традицијата преку нив.

Младите изведувачи си заминаа од сцената со аплауз, а нивните семејства со чувство дека биле сведоци на нешто многу поголемо од концерт – на растењето на една нова генерација – чувари на песната, играта и на македонската традиција. (Д. Т.)

 

ИЗДВОЕНИ