Концертниот албум во живо на Симон Трпчески и кралскиот Шкотски национален оркестар е номиниран за меѓународните награди за класична музика – (ICMA).

Со ова им се оддава признание на најдобрите музичари и музички изданија. Меѓу номинираните се голем број реномирани солисти, ансамбли, диригенти и оркестри, како и многу млади музичари, од кои голем дел првпат се номинирани. Во 16 категории се номинирани околу 350 аудио и видеоизданија, објавени од стотина издавачки куќи од Европа, Азија и Северна Америка. За да биде номинирано едно издание, потребно е да биде предложено од најмалку двајца членови на жирито.

Изданието на „Лин рекордс“, на кое нашиот пијанист од светски глас, Симон Трпчески, е обединет со данскиот диригент Томас Сондергард и Кралскиот шкотски национален оркестар, во изведбата во живо на два концерта за пијано и оркестар од Камиј Сен-Санс, ја понесе номинацијата за најдобро концертно издание, информира „Културоп“.

Инаку, станува збор за снимка од концертите одржани во февруари и јуни 2024 во Кралската концертна сала во Глазгов. За насловната страница на цеде-изданието е искористено делото „Пејзаж“ на нашиот ликовен уметник Славчо Спировски.

Голем број авторитетни светски медиуми со суперлативи го оценија ова издание на кое елитната екипа ги изведува Концертот број 2 и Концертот број  5 – „Египетски“ на познатиот француски композитор. Ним деновиве им се приклучи и реномираната германска критичарка на „Пијано њуз“ и „Магазинот за камерна музика Енсембле“, Изабел Федрици, која во својата рецензија подвлекува дека со ова издание, „македонскиот пијанист Симон Трпчески претставува уште еден импресивен доказ за својата совршена техника, брилијантност и музикалност“.

ИЗДВОЕНИ