Речиси 1,6 милијарди евра биле уплатени во игрите на среќа во Македонија во првите шест месеци од годинава. Податоците од Управата за јавни приходи покажуваат дека за само половина година, низ казината, автомат-клубовите и обложувалниците се завртела сума што е повеќе од половина од целокупните уплати остварени во текот на цела 2025 година. Ако продолжи сегашното темпо на уплати и во второто полугодие, 2026 година би можела да донесе ново високо ниво на финансискиот промет во овој сектор.

Имено, лани, според податоците на УЈП, во игрите на среќа биле уплатени околу 2,83 милијарди евра. Најголем дел од сумата, околу две милијарди евра, биле уплатени во автомат-клубовите, додека во казината биле уплатени околу 607 милиони, а во спортските обложувалници нешто над 216 милиони евра.

Трендот на раст се гледа и кај приходите на компаниите од секторот. Во 2023 година, тие изнесувале околу 791 милион евра, во 2024 година над 836 милиони, а во 2025 година достигнале околу 852 милиони евра.

Бројките доаѓаат во период кога државата воведува мерки за ограничување на достапноста на игрите на среќа, меѓу кои и дислокација на објектите подалеку од училиштата.

ИЗДВОЕНИ