Ова не е Германија, ова е Македонија. Во Македонија „нема гладни“, во Македонија „нема невработени“, во Македонија „нема страв од војна“… Ние сме топли луѓе… Вака некако оди песната со која завршува претставата „Страв и надеж“, работена според текст на најпознатиот и најизведуваниот жив германски драмски автор Франц Ксавер Крец и во режија на познатата и наградувана белградска режисерка, Татјана Мандиќ-Ригонат, која вечерва премиерно беше одиграна во Македонскиот народен театар.

Претставата, во која ироничната констатација „ова не е Германија“ всушност ја нагласува болката на локално ниво иако темите се универзални, всушност носи силна порака – стравот од невработеноста, од гладта, од војната, од целосното уништување на светот е повеќе од реална и тоа буквално кај секој човек, во секоја држава на земјината топка, но прашањето кое се поставува е – постои ли надеж, надеж за некаква подобра иднина?

На сурово реалистичен начин, преку мозаикот од петнаесет сцени и одличната актерска игра, се доловува целата мизерија на системот, на општеството во кое живееме денес. Современиот човек турнат до работ на егзистенцијата, миграцијата, младите кои го изгубија вистинскиот правец, пензионерите кои го изгубија достоинството и светот во кој е изгубена човечноста…

А главните ликови во претставата се токму оние „мали луѓе“ кои живеат под постојан притисок од губење на работа, или се веќе невработени – не по своја вина, кај кои постојано е присутно чувството на несигурност и пониска вредност, стравот од болест, што ги прави фрустрирани, а целата фрустрација се прелева во семејните односи кои често стануваат неподносливи…

Дури и макетарот на иднината ја претставува макетата на земјата -сива, темна, гола, уништена од нуклеарна војна, од некој кој не знаеме кога би можел да го притисне црвеното копче.

Сепак, надежта е она што последно умира, па така и во една од сцените насловена „птица во кафез“, преку ликот на студентка се јавува искра на надеж, на отпор, на револт кон се она што е глуво, сурово, неправедно, на потребата за борба против состојбите во светот кои го држат човекот во постојан и реален страв… Таа всушност се обидува да ги разбуди совеста на целото човештво, но и заспаното достоинство на секој поединец …

Во претставата играат: Александар Микиќ, Тања Кочовска, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Сашка Димитровска, Сашко Коцев, Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Адаптацијата и режијата се на Татјана Мандиќ-Ригонат. Преводот го направи Александар Русјаков. Сценографијата е на Весна Поповиќ, костимите се на Роза Трајческа. Композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ. Видеодизајнот е на Јелена Тврдишиќ, извршни продуценти се Симона Угриновска и Виктор Рубен, инспициент – Вукица Александрова и суфлер е Миро Атанасовски.

Следните изведби на претставата се ан 27 и 28 април и на 15 мај. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ