Во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп вечерва ќе биде отворена изложбата „Линија, форма и простор“ на уметникот Филип Перески. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Академскиот уметник Филип Перески ликовно ги истражува бескрајните можности и начини со коишто инвентивно ги реконтекстуализира – линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и формата во тродимензионалниот простор.
Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот: контраст и градација на линијата и бојата.
Со хоризонталното протегнување и вертикалното извишување, брзите градации и збиената густина на линиите, уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции. Имено, преку репетиција на експресивните контрастни и збиени линии, тој дополнително креира длабочина во асиметричните композиции.
Во скулптурата, Перески ја искривува и раскршува линијата создавајќи минималистички геометриски форми со „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на академскиот уметник Филип Перески спонтано еволуира и се развива во апстрактно-асоцијативен израз, вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
Филип Перески е роден 1990 во Прилеп, Македонија. Дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп.












