Поскапувањето на горивото не е само бројка на информативната табла на бензинска. За обичниот работник, тоа значи многу повеќе  –  ќе треба да извади повеќе пари од џеб за да стигне на работа.

Ако патува со меѓуградски автобус – билетот поскапи. Ако оди со сопствен автомобил – ќе точи поскапо гориво, ќе плаќа поскапо одржување и секој месец ќе му остануваат сè помалку пари дома.

И тука доаѓаме до апсурдот. Работникот плаќа повеќе за да стигне на работа, а платата не му расте автоматски затоа што пораснала цената на горивото.

Но, кај одредени надоместоци што се пресметуваат според цената на горивото, ситуацијата може да биде сосема поинаква.

На почетокот на 2026 година, дизелот се продавал по цена од 65 денари за литар. Според најновите утврдени цени, од 8 септември дизелот достигна 101 денар за литар. Тоа значи 36 денари повеќе за еден литар, односно зголемување од 55,38 отсто. Или, за само девет месеци, дизелот поскапи за повеќе од половина.

И нормално, тоа не останува само на бензинската. Кога горивото оди нагоре, и транспортот оди нагоре. Па превозот на стока. Па услугите. Па автобусите. И на крајот – сметката стигнува дома кај работникот. Анализата на весникот „Трудбеник“, кој е информативно гласило на Сојузот на синдикатите на Македонија, покажува дека речиси половина од минималната плата на еден работник од Тетово кој работи во Скопје, ќе му отиде само за превозот.

На релацијата Тетово – Скопје, билетот во еден правец е зголемен од 200 на 250 денари. Тоа се 50 денари повеќе во еден правец. Повратен билет е 500 денари дневно. Ако работник патува 22 работни дена, тоа значи трошок од 11.000 денари месечно. Ако работникот прима минимална нето-плата од 26.046 денари, тоа значи дека би дал околу 42,23 отсто од целата плата само за превоз, што е речиси половина плата. По плаќањето на превозот му остануваат 15.046 денари за храна, сметки, домување, електрична енергија, вода, облека, образование на децата, како и за здравствени и други секојдневни потреби.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) со години укажуваат дека трошокот за доаѓање и враќање од работа мора да биде препознаен како реален трошок поврзан со работата и да не паѓа целосно врз грбот на работникот.

– Уште по воведувањето на концептот на бруто-плата, ССМ укажуваше на проблемите со третманот на надоместоците за исхрана и превоз и бараше системско решение. ССМ јасно се залагаше работодавачите да организираат превоз и исхрана, а кога тоа не е можно, трошоците за превоз да се надоместуваат во висина на реалните трошоци во јавниот сообраќај – велат од ССМ.

Тоа барање не е останато во минатото. Синдикатот потсетува дека во Првомајскиот проглас на ССМ од 2024 година, меѓу конкретните барања, е наведено: „Исплата на трошоци за превоз на сите вработени во висина на реалните трошоци за доаѓање и враќање од работа“.

– Истото барање на ССМ е едно од приоритетните барања за исплата на трошоци за превоз на сите вработени во висина на реалните трошоци за доаѓање и враќање од работа. Значи, сегашното барање не е последица на моменталното поскапување на горивата. Поскапувањето само го направи проблемот уште повидлив. Правото на организиран превоз или трошоци за превоз се обезбедува преку колективните договори на ниво на работодавач или преку гранските колективни договори – велат од ССМ.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ