За годинашните „Јадрански филмски награди“ (Adriatic Film Awards), кои ги доделува Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион (АФА), македонските филмови „Диџеј Ахмет“ и „Мајка“ и македонските копродукции „Павилјон“ и „Фантази“ се закитија со вкупно 14 номинации. За АФА-наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и од Косово, а доделувањето ќе се одржи од 23 до 25 октомври, во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора

Четиринаесет (14) номинации добија македонските филмови и копродукции на годинашните „Јадрански филмски награди (Adriatic Film Awards) кои ги доделува Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион (АФА), основана од шест регионални филмски фестивали.

Филмот „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски се закити со седум номинации, остварувањето на Теона Стругар Митевска „Мајка“ со пет, а копродукциските „Павилјон“ и „Фантази“ со по една.

Наградите што ги доделува оваа фестивалска мрежа ги одликуваат најзначајните филмски продукции и телевизиски серии во регионот. Оваа година се доделуваат 10 филмски награди во категориите: најдобар филм, најдобар глумец и глумица во главна улога, ѕвезда во подем, најдобар режисер, сценарио и дебитантски филм; телевизиските серии се натпреваруваат за наградите за најдобра серија, најдобар актер и најдобра актерка. За наградите се натпреваруваат филмови и серии од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Косово.

„Диџеј Ахмет“

Притоа, „Диџеј Ахмет“ е номиниран во категориите најдобар филм, најдобра главна актерка (Дора Акан Златанова), најдобар главен актер (Ариф Јакуп), ѕвезда во подем (Ариф Јакуп), најдобра режија, сценарио и дебитантски филм (Георги М. Унковски).

„Мајка“, пак, ќе се натпреварува во категориите најдобар филм, најдобра главна актерка (Нуми Рапас), најдобар главен актер (Никола Ристановски), најдобра режија (Теона Стругар Митевска) и најдобро сценарио (Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска).

Номинацијата на копродукцијата „Павилјон“ е за најдобра главна актерка (Јасна Диклиќ), а на „Фантази“ – за најдобар дебитантски филм за Катарина Богдановиќ – Кукла.

Инаку, за најдобар филм, покрај македонските остварувања „Диџеј Ахмет“ на Унковски и „Мајка“ на Митевска, ќе се борат и „Бог нема да помогне“ на Хана Јушиќ, „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ и „Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ.

Во актерските категориите, пак, за најдобра женска главна улога, покрај Дора Акан Златанова („Диџеј Ахмет“), Нуми Рапас („Мајка“) и Јасна Диклиќ („Павилјон“) се номинирани и Мануела Мартели („Бог нема да помогне“) и Хана Селимовиќ („Југо Флорида“), а за најдобра машка улога, освен Никола Ристановски („Мајка“) и Ариф Јакуп („Диџеј Ахмет“), ќе се натпреваруваат и Стефан Ѓорѓевиќ („Ветре, зборувај со мене“), Филип Ѓуриќ („Како е овде толку зелено“) и Андрија Кузмановиќ („Југо Флорида“).

Номинирани за наградата „Ѕвезда во подем“, покрај Ариф Јакуп („Диџеј Ахмет“) се и Марко Грабеж („Свадба“), Јана Милосављевиќ („Југо Флорида“), Ламија Салиховиќ („Комар“, „Котлина“) и Ана Марија Веселчиќ („Бог нема да помогне“).

„Мајка“

Покрај македонските режисери Георги М. Унковски и Теона Стругар Митевска, во конкуренција за наградата – најдобар режисер се и Владимир Тагиќ, Стефан Ѓорѓевиќ и Хана Јушиќ.

За наградата за најдобро сценарио, пак, покрај Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска („Мајка“) и Георги М. Унковски („Диџеј Ахмет“) се номинирани и Стефан Ѓорѓевиќ („Ветре, зборувај со мене“), Хана Јушиќ („Бог нема да помогне“) и Никола Лежаиќ („Како е веќе така зелено“).

Во конкуренцијата, пак, за најдобар дебитантски филм покрај Катарина Богдановиќ – Кукла („Фантази“) и Георги М. Унковски („Диџеј Ахмет“) ќе се натпреваруваат и Стефан Ѓорѓевиќ („Ветере, зборувај со мене“), Естер Ивакич („Ида, која пееше така грдо“) и Владимир Тагиќ („Југо Флорида“).

За номинациите одлучувале повеќе од 800 членови на Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион. Мрежата на фестивали во Јадранскиот Регион ја сочинуваат Сараевскиот филмски фестивал, Филмскиот фестивал во Загреб, Фестивалот на авторски филм во Белград, Филмскиот фестивал во Херцег Нови, ИФФК „Браќа Манаки“ и Љубљанскиот филмски фестивал. Второто издание на АФА-наградите ќе се одржи од 23 до 25 октомври во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора, каде што ќе се соберат филмски и телевизиски креатори и професионалци од целиот регион. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ