Цивилната полиција на бразилската држава Параиба ги прегледува нерешените случаи на убиства откако 33-годишниот Жорлан Лопес да Силва за време на испрашувањето изјавил дека убил околу 80 луѓе во текот на својот живот.
Таа бројка сè уште не е официјално потврдена и засега, доказите го поврзуваат осомничениот со 16 убиства извршени во период од околу три месеци во долината Мамангуапе, според бразилскиот медиум „Глобо“ (Globo).
Истражителите повторно ќе ги разгледаат нерешените случаи за да проверат дали постојат информации што би можеле да го поврзат Лопес да Силва со други убиства.
„Тоа е многу значајна бројка. Веруваме дека, ако не е точно таа бројка, тогаш е нешто многу блиску до неа“, изјави детективот Даглас Гарсија.
Лопес да Силва беше уапсен на 13 септември во општината Мулунгу по потера што траеше околу 48 часа. Според полицијата, тој се обидел да побегне маскиран во фустан, носејќи перика, женски сандали и очила за сонце, а ноктите му биле налакирани.
ALERT: Potential most prolific serial killer in Brazil's history found by police disguised as a woman wearing a dress and holding a seemingly random 2-year-old.
Police found Jorlan Alves da Silva, 33, in a striped dress and a loosely fitting black wig in northeastern Brazil.… pic.twitter.com/XhQ9N7vqpJ
— E X X ➠A L E R T S (@ExxAlerts) September 16, 2026
Кога полицијата го лоцирала, тој со себе носел дете – старо околу две години – со кое немал никакви семејни врски. Според полицискиот извештај, осомничениот подоцна го напуштил детето, а полицијата исто така го идентификувала преку тетоважа. Околностите под кои детето дошло во негови раце сè уште се истражуваат.
Полицијата наведува дека Лопес да Силва претходно побегнал од конфликт во Рио Тинто и се криел во заедница во Кабедело – дел од пошироката област на Жоао Песоа – под сомнение дека има врски со криминална организација.
Полицијата го поврзува со криминална фракција со потекло од Рио де Жанеиро која дејствува во Параиба. Истражителите, поддржани од Федералната сообраќајна полиција, ја следеле групата со која осомничениот патувал кон Мулунгу.
Еден од соучесниците бил уапсен за време на рацијата, додека Лопес да Силва во тој момент успеал да побегне.
Уште двајца мажи, за кои полицијата се сомнева дека се поврзани со истата криминална фракција, исто така биле уапсени за време на истата операција.
По рочиштето за одредување притвор, Лопес да Силва бил префрлен во затворот „Силвио Порто“ во Жоао Песоа. Полицијата исто така разгледува дали е потребно тој да биде подложен на проценка на менталното здравје.












