недела, јуни 28, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Препораки за редовно наводнување и заштита на земјоделските култури

Препораки за редовно наводнување и заштита на земјоделските култури

9

Агрометеоролозите апелираат до земјоделците редовно да ги наводнуваат површините и да преземат соодветни агротехнички мерки за заштита на културите од плевели, болести и штетници, во услови на високи летни температури.

Според препораките, неопходно е наводнување на обработливите површини, особено кај пролетните окопни и индустриски култури, како и примена на плитка обработка на почвата (окопување) со цел зачувување на влагата и спречување на формирање површинска кора.

Од стручните служби нагласуваат дека во актуелниот топлотен бран потребите за вода кај земјоделските култури се зголемени и континуирани, поради што наводнувањето се смета за задолжителна мерка во овој период.

– Земјоделските производители можат да продолжат со редовните активности на терен, но со задолжително наводнување и постојано следење на состојбата на посевите. Потребно е и навремено спроведување мерки за заштита од болести и штетници, како и подготовка на механизацијата за претстојната жетва –посочуваат агрометеоролозите од УХМР.

Тие потсетуваат дека во изминатата седмица преовладуваше претежно сончево и топло време, со повремена локална облачност и краткотрајни поројни врнежи, кои придонеле за поволни услови за зреење на дел од овошните и градинарските култури.

– Таквите временски услови овозможија зреење на црешата, вишната и одредени видови зеленчук, како и интензивен развој на пченката, сончогледот и другите пролетни култури – информираат од УХМР.

Во делот на лозарството, виновата лоза се наоѓа во фаза на затворање на гроздовите, при што се препорачува редовна обработка на почвата, уништување на плевелите и зачувување на влагата, како и континуирана заштита од болести и штетници.

Според последната метеоанализа, под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на наредната седмица се очекува стабилно, сончево и многу топло време со дневна температура над 30 Целзиусови степени, кои наместа ќе достигнат и до 39 степени. Од среда, прогнозите најавуваат постепен пад на температурата и зголемена нестабилност, со локална појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ