понеделник, ноември 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Александрискиот патријарх Теодор се надева на средба и сослужување со архиепископот Стефан

Александрискиот патријарх Теодор се надева на средба и сослужување со архиепископот Стефан

0

Надеж дека ќе се случи скорешна средба и заедничко сослужување со македонскиот архиепископ г.г. Стефан изразил патријархот Теодор кој е на чело на Александриската патријаршија која опфаќа подрачје на Африка. Ова се случило за време на посетата на епископот Делчевско-каменички Марко на МПЦ=ОА кој служеше света Литургија во Александрија, Египет, со благослов на александрискиот патријарх Теодор II, кој лично присуствуваше на богослужбата.

Литургијата беше отслужена во патријаршискиот манастир посветен на свети Сава Осветен, во 24-та недела по Педесетница.

-На крајот од Литургијата Патријархот Теодор го поздрави Епископот Марко и групата верници кои патуваа со него. Во поздравното слово го замоли епископот Марко да пренесе искрени братски поздрави до Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски и на Јустинијана прима г. г. Стефан, порачувајќи му дека е добредојден во Александриската патријаршија и изрази надеж дека наскоро ќе дојде до нивна меѓусебна средба и сослужување – се наведува во веста објавена на Фејсбук страницата на Делчевско-каменичката епархија.

Како израз на братска љубов, патријархот Теодор му подарил архиерејска панагија на епископот Марко, којшто, пак, во своето поздравно слово, му се заблагодари на Неговата светост за благословот да принесе бескрвна жртва токму овде и да заедничарат во Христа.

-По Литургијата, во манастирските простории, за гостите беше спремено послужување. Потоа, Епископот Марко, со верниците го посети храмот на коптската патријаршија каде се наоѓаат дел од светите мошти на Светиот апостол и евангелист Марко, којшто бил првиот епископ во Александрија – се наведува во објавата.

ИЗДВОЕНИ