Со завршната изложба на ликовните дела на 11-мина ликовни уметници од Македонија, Грција, Србија, Полска и Турција беше означен крајот на традиционалната ликовна колонија, 22. по ред, „Аполонија 2026“, која од 15 до 23 јуни се одржа во Гевгелија. Организатор е Фондацијата „Аполонија“.

На терасата на хотелот „Аполонија“ беа изложени  дела создадени по сопствен избор на уметниците учесници, но инспирирани од богатото и живописно гевгелиско поднебје. Оваа година, Уметничкиот совет на колонијата во состав на Драги Хаџи Николов, академски сликар и Јордан Дане Јанев, академски вајар, испрати покана до врвни уметници од земјава и од регионот и тоа: Ниче Василев и Борис Петров од Македонија, Велибор Веља, Рајко Каришиќ, Иван Гроздановски и Јелена Милошевиќ од Србија, Ајнур Каплан и Зивер Каплан од Турција, Малгорзата Ковалска од Полска, Јоанис Проиос и Јоана Ампатзи од Грција.

Директорот на Фондацијата, Аце Ристовски, отворајќи ја изложбата, изјави: „Можеш да гледаш некоја слика цела недела и никогаш да не помислиш на неа. Можеш да погледаш некоја слика една секунда и да размислуваш за неа цел живот. Оваа мисла на Хуан Миро го осветлува нашиот видик и нè носи во некои други светови и димензии. И годинава сме сведоци како од белината на платната се создаваше  магијата од бои, чувства, размислувања.“

Оваа колонија и годинава докажа дека не е само изложба – таа е и простор за размена на идеи, инспирација и емоции преточени во уметнички дела. Тоа беше прекрасна вечер исполнета со уметност, разговори, боја и страст. Токму ова, на завршната изложба, го истакнаа за весникот ВЕЧЕР неколкутемина ликовни уметници со кои разговаравме.

Така, ликовната уметница Јоана Амбаци од Грција вели: „Првпат сум во Гевгелија и се чувствувам мошне пријатно. Мал град, но толку голема љубов кон уметноста. Првиот ден кога дојдов беше ноќ, поминав низ центарот на градот и видов отворена уметничка галерија, каде што се одржуваше изложба на слики. Ја посетив и беше толку интересно и возбудливо.“

Маргарита Ковалска ни дојде од Полска: „Ова учество на колонијата во Гевгелија е моја втора средба со Македонија. Првпат бев на Ликовна колонија во Струмица, пред 20 години. На оваа ликовна колонија создадов две слики. Гевгелија е позната како сончев град, но спротивно на тоа, ми беше предизвик да го претставам на платно градот кога ќе заврне врне дожд. Првиот ден кога излегов да се прошетам, одеднаш заврна дожд. Сите се растрчаа да се скријат некаде, само едно девојче излезе и почна да игра на дождот. Прекрасно. Градот е убав, полн со отворени луѓе кои се пријателски настроени.“

На завршната вечер која беше исполнета со долготрајни разговори за уметноста и за дружење на уметниците од различни земји со вљубениците на ликовната уметност, го сретнавме и сликарот од Србија, Иван Гроздановски:

„Мотивите на моите слики се различни, фантастичен пејзаж, мртва природа, научна фантастика, улични сцени. Се сметам себеси за сликар на светлина, кој секогаш се обидува да се вклопи во сопствениот живот и природата што ме опкружува. Почнав да сликам одамна, како дете, што би се рекло, а мојата прва самостојна изложба ми беше во Москва, во 1996 година. Инаку, мојот дедо е со потекло од Охридско-Преспанскиот Регион и кон крајот на 19 и почетокот на 20 век емигрирал во Банат. Сега мене ми останува во иднина да се обидам да ги откријам вистинските мои корени, и дали можеби имам роднини овде, во Македонија“.

Единствен учесник на годинашната ликовна колонија од Гевгелија беше најстариот уметник во општината и по години, и по стаж, и по уметничко творештво, Борис Петров: „Ликовната колонија ‘Аполонија’ секоја година нуди одлични услови за работа, мир, простор и време само за уметност. И овој пат создадов слики во духот на она што ми го советуваа моите професори, убавото и топло гевгелиско и дојранско поднебје“, ни рече уметникот, кој оваа година наполни 91 година и кој сè уште се дружи со четката и со платното.

Слободно може да се каже дека Ликовната колонија „Аполонија“ и оваа година продолжи да биде значаен културен настан во Гевгелија, колонија која 22 години ги поврзува уметниците со љубителите на сликарството и поддржувачите на културната сцена. Она што најмногу ја разликува оваа колонија од сите други е токму завршната вечер, кога на едно место се собираат уметниците и посетителите, и кога во меѓусебна комуникација и дружење се обидуваат да проникнат во таинствениот свет на сликите. (Љ. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ