понеделник, ноември 16, 2026
Дома СПОРТ Челзи ги предупреди вработените за популарната фудбалска игра

Челзи ги предупреди вработените за популарната фудбалска игра

0

Челзи ги предупреди своите вработени да бидат внимателни кога ја користат популарната игра „Фантази Премиер лига“ откако наводно протекле информации за повредата на напаѓачот Жоао Педро. Според Би-би-си и И-Ес-Пи-Ен, лондонскиот клуб испратил е-пошта до вработените, предупредувајќи ги дека нивните одлуки во играта би можеле ненамерно да откријат доверливи информации за него.

Сè почна во пресрет на победата на Челзи од 2:0 над Тотенхем, на 24 октомври. Жоао Педро неочекувано не беше дел од тимот поради повреда на тетивата, но некои играчи од „Фантази Премиер лига“ имале информација дека нема да игра дури и пред клубот да ја објави веста. Некои корисници ги следеле виртуелните тимови поврзани со играчите и со персоналот на Челзи и забележале дека некои од нив го отстраниле Жоао Педро од своите состави. Според корисниците, профилот на играчот за врска, Морган Роџерс, бил меѓу нив. Ова предизвика сомнежи дека луѓето поврзани со клубот однапред знаеле за повредата.

„Фантази Премиер лига“ е игра во која корисниците создаваат виртуелни тимови од вистински играчи од англиската Премиер лига и собираат поени врз основа на нивните перформанси. Бидејќи составите на корисникот се јавно достапни, промените направени од играчите и од вработените во клубот може да откријат информации за повредите или за плановите на менаџерот.

Менаџерот на Челзи, Чаби Алонсо, беше прашан по натпреварот против Тотенхем дали смета дека информациите за отсуството на Педро, можеби, протекле на овој начин.

– Не се занимавам со „Фантази“, па затоа не знам за тоа – кратко одговори шпанскиот стручњак.

Според Би-би-си, Челзи испратило јасна порака до вработените да не ги користат доверливите информации при изборот на виртуелни тимови. Клубот засега нема планови да ја забрани играта, верувајќи дека ова е изолиран инцидент што може да се реши со дополнително предупредување.

Лондонскиот премиерлигаш претходно имаше проблеми со протекувањето информации за составот. Минатата сезона, под водство на Лијам Розениор, беа откриени почетните состави пред двата натпревари од Лигата на шампионите против ПСЖ. Во април, фризерот на тогашниот дефанзивец на Челзи, Марк Кукурела, откри на социјалните мрежи дека нема да играат Кол Палмер и Жоао Педро против Брајтон.

„Фантази Премиер лига“ моментално ја играат над 11 милиони луѓе, а Премиер лигата нема специфични правила што би им забраниле на играчите или на вработените во клубовите да учествуваат. За ограничувањата одлучуваат самите клубови.

 

ИЗДВОЕНИ