петок, јули 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Препишувањето неделотворни лекарства довело до штета на буџетот

Препишувањето неделотворни лекарства довело до штета на буџетот

Судењето за „Онкологија“ продолжува

54

Со вкрстено испитување на техничкиот советник на Обвинителството, Милан Ристески, во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето за случајот „Онкологија“, во кој се обвинети поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев и онколозите Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски за несовесно лекување пациенти.

Одговарајќи на прашања од одбраната, Ристески појасни дека вештачењето е изработено во јануари 2024 година и се темели на медицинските досиеја на пациенти кои биле лекувани на Клиниката за онкологија. Дел од документацијата била испратена на вештачење во Словенија и Србија.

На прашањето дали е сигурен дека за вештачење била доставена целокупната медицинска документација за секој пациент, Ристески одговори потврдно, но додаде дека не знае како била подготвена и спакувана документацијата, бидејќи тој не учествувал во тој процес. Вештакот потврди и дека меѓу документите што ги разгледувал имало досиеја и на пациенти лекувани од други лекари, а не само од обвинетите.

Во текот на рочиштето се отвори и прашањето дали во вештачките извештаи има технички грешки поврзани со имиња на лекари или со наведена терапија. Поради тоа, Судот му наложи на Ристески, во рок од 15 дена, писмено да се изјасни дали станува збор за техничка грешка во извештаите.

Претходно, на прашања од одбраната на Симонида Црвенковска, вештакот зборуваше и за препораките на релевантни меѓународни институции и здруженија, меѓу кои американската ФДА, Американското здружение за клиничка онкологија (ASCO) и Европското здружение за медицинска онкологија (ESMO). Според него, препораките за лекување во онкологијата постојано се менуваат и се надградуваат врз основа на нови клинички студии и искуството на лекарите.

Ристески посочи дека, според наодите од вештачењето, препишувањето неделотворни лекови предизвикало финансиска штета на буџетот. Тој нагласи дека предмет на вештачењето била оправданоста на применетите терапии, а не потеклото на лековите.

Следното рочиште е закажано за 15 јуни. Дотогаш, Обвинителството ќе се обиде да обезбеди присуство на дел од сведоците кои досега не биле сослушани. Потоа се очекува да биде сослушан и техничкиот советник на одбраната.

Во предметот „Онкологија“, обвинетите се товарат дека кај 47 пациенти биле применувани несоодветни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба. Една од првично обвинетите, онкологот Мери Пешевска, претходно ја призна вината и доби условна затворска казна од две години.

 

ИЗДВОЕНИ