Жоао Фонсека продолжува да ја воодушевува тениската јавност на Ролан Гарос. Суперталентираниот Бразилец обезбеди место во четвртфиналето, откако по голема борба го елиминира и Каспер Руд со 7:5, 7:6, 5:7, 6:2.

По победата над Новак Ѓоковиќ, Фонсека продолжи со фантастичните изданија во Париз и уште еднаш покажа дека е подготвен за најголемата сцена.

Сепак, покрај тенисот, најмногу се зборува за една контроверзна ситуација која се случи на крајот од вториот сет. Во клучен момент од тај-брејкот, некој од трибините извика „аут“, по што Руд ја прекина размената на удари мислејќи дека станува збор за сигнал од линиски судија.

Норвежанецот веднаш покажа кон трагата на земјата, уверен дека топката завршила надвор од теренот.

Но, судијката Луис Аземар-Енгзел не реагираше, а поенот продолжи.

Подоцна, телевизиската снимка покажа дека топката навистина била во аут и дека реакцијата од трибините била точна.

Контроверзијата стана уште поголема бидејќи токму тој поен можеше директно да влијае на исходот на вториот сет, кој, на крајот, му припадна на Фонсека.

Во случај Руд да го добиеше тој поен, можеше да дојде до израмнување во сетови, а целиот тек на мечот ќе добиеше поинаков правец.

Одлуката веднаш предизвика бројни реакции, а легендарниот Џим Курие, кој го коментираше натпреварот, остро ги критикуваше организаторите. Тој потенцираше дека Ролан Гарос е единствениот гренд слем кој сè уште инсистира на традиционални линиски судии, наместо целосно да се потпре на електронскиот систем.

По оваа спорна ситуација, многумина сметаат дека директорката на турнирот, Амели Морезмо, и организаторите, ќе мора сериозно да размислат за промени.

Фонсека заслужено славеше голема победа и продолжи да ја пишува својата бајка во Париз, но сенка врз спектаклот фрли моментот што предизвика вистинска бура во тенискиот свет.

 

 

ИЗДВОЕНИ