Основниот суд во Куманово ѝ изрече казна затвор од седум и пол години на Вангелица Илијевска, која призна вина за убиството на сопругот Јован и свекорот Стојан, извршено на 13 јуни 2024 година. Пресудата следуваше откако Основното јавно обвинителство го преквалификува делото од „убиство“ во „убиство на миг“, врз основа на психијатриско вештачење кое утврдило дека обвинетата дејствувала во состојба на силна раздразливост и страв предизвикани од напад на нејзиниот сопруг.
Обвинителот Газменд Мехмеди посочи дека според наодите од вештачењето, Илијевска била доведена во состојба на силен афект и импулсивна реакција, поради што обвинителството ја изменило правната квалификација на делото.
По консултации со одбраната, обвинетата ја призна вината за двете кривични дела и пред судот изрази жалење за стореното, наведувајќи дека постапила во афект. Судијата Саша Ѓорѓевиќ ја информираше дека со признавањето на вината ќе следува затворска казна и дека евентуалната жалба ќе може да се однесува главно на висината на казната и суштински прашања од постапката. Тој посочи и дека обвинетата ќе треба да ги подмири трошоците за обдукцијата, психијатриското вештачење и побарувањата на оштетените.
Во завршните зборови обвинителството побара од судот да ги цени и олеснителните и отежителните околности, додека одбраната нагласи дека Илијевска со години била жртва на семејно насилство. Адвокатот Христијан Георгиевски истакна дека во постапката биле приложени докази од полицијата и центрите за социјална работа кои, според него, потврдуваат дека таа 15 години трпела психичко и физичко насилство. Како олеснителни околности беа наведени и фактот дека е мајка на две малолетни деца и дека претходно не била осудувана.
Судскиот совет изрече поединечни казни од по четири години и шест месеци затвор за секое дело, а потоа единствена казна од седум и пол години. Во изречената казна ќе биде пресметано и времето што обвинетата го поминала во куќен притвор, кој ќе остане во сила до правосилноста на пресудата.
Образложувајќи ја одлуката, судијата Ѓорѓевиќ рече дека случајот е исклучително тежок и дека судот внимателно ги разгледал сите околности.
„Во државата има многу случаи на семејно насилство и жените мора да бидат заштитени, а не малтретирани. Сепак, станува збор за трагичен настан со две починати лица“, истакна судијата, додавајќи дека обвинетата не ги планирала дејствијата. По изрекувањето на пресудата незадоволство изразија членови на семејството на Илијевска, а и самата обвинета реагираше со солзи.
Адвокатот Георгиевски изјави дека одбраната две години се обидувала да докаже дека првичната квалификација за убиство не одговара на фактичката состојба и дека биле доставени повеќе од 75 докази. Тој најави дека ќе разговара со обвинетата за можноста да поднесат жалба со цел намалување на казната.
Двете малолетни деца на Илијевска во моментов се згрижени кај роднини во Кратово под надзор на Центарот за социјални работи. Според обвинението, на двојното убиство му претходело долгогодишно семејно насилство, што беше едно од клучните прашања во текот на судската постапка.












