Кај поединци имам дилеми, и кај тие што имам дилеми и задршка ги опоменувам бидејќи имам чувство дека можат повеќе да дадат, наведува премиерот кој веќе ги најави кадровските промени за мај или јуни. Тој не откри дали кадрите кои потфрлиле се од неговата матична ВМРО-ДПМНЕ или се дел од коалициските партнери во власта, но рече дека ќе даде сè од себе за да го исполни ветеното на граѓаните, макар и да се работело седум дена во неделата по 12, 13 или 14 часа. „Јас се будам и заспивам со една мисла – дали даваме сè од себе, дали сите даваат сè од себе. Едноставно, веќе нема простор за импровизации и за репризи. Мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање – изјави Мицкоски.
Недоволно вложување во работата и несоодветно однесување ќе бидат главни причини за реконструирањето на дел од министрите, но и дел од функционерите од пониските владини ешалони. Ова е аргументацијата со која премиерот Христијан Мицкоски ги најавува претстојните промени кои неодамна ги најави за периодот мај или јуни.
Во телевизиско интервју, премиерот рече дека одредени поединци во Владата, но и во дел од владините институции не се вложуваат доволно или се однесуваат несоодветно.
–Јас се будам и заспивам со една мисла – дали даваме сè од себе, дали сите даваат сè од себе. Кај поединци имам дилеми, и кај тие што имам дилеми и задршка ги опоменувам бидејќи имам чувство дека можат да дадат повеќе – и во рамките на Владата и во рамките на институциите што се дел од Владата. Ние немаме право на реприза. Едноставно, веќе нема простор за импровизации и за репризи. Мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање – изјави Мицкоски.
Тој не откри дали поединците од кои не е задоволен се кадри на неговата матична ВМРО-ДПМНЕ или се дел од коалициските партнери во власта. Тој рече дека ќе даде сè од себе за да го исполни ветеното на граѓаните, макар и да се работело седум дена во неделата по 12, 13 или 14 часа.
– Тоа е начинот на кој мора да функционира оваа влада. Тогаш кога народот ќе види дека го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости сè. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве оптоваруваат, колку и тие пораки за вас да се бесмислени, ако вие не им вратите, не им посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа никогаш нема да ви го простат – потенцира Мицкоски.
Неодамна, за време на престојот во Тетово, тој рече дека прашањата околу реконструкцијата ќе бидат третирани заедно со коалициските партнери од „Вреди“ и од ЗНАМ. Тој тогаш не се изјасни околу иднината на актуелниот министер за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, и на вицепремиерот за доброто владеење, Арбен Фетаи. Статусот на министерот Фатмир Лимани во Владата станува сè понеизвесен откако во редовите на „Вреди“ и неговата партија Беса зачестија барањата за неговата смена бидејќи имало повеќе забелешки за неговата работа и однесување. Лидерот на Беса, Билал Касами, побара и објаснување од Лимани за заедничкото дружење со Али Ахмети на ифтарска вечера во Тирана. Неизвесна станува и иднината на вицепремиерот Арбен Фетаи во Владата кој, исто така, има забелешки за тоа како оди обединувањето на коалицијата „Вреди“ во една партија. И со неговото име се врзува можноста за формирање посебна партија преку која би останал во владината коалиција.
Но, премиерот Мицкоски изјави дека, како владина коалиција, имаат многу добра соработка и не гледа причина за коалирање со нови политички субјекти.
– Како коалиција, имаме исклучително коректна соработка и во моментот не гледам простор за коалициски договори и преговори со други политички субјекти, затоа што, ќе повторам, образот го чувате цел живот, а го губите само еднаш – рече Мицкоски. (Б. Ѓ.)
Албански сојуз е новото име на партијата на Зијадин Села
Албански сојуз е името на новиот политички субјект со кој во иднина ќе дејствува Зијадин Села, поранешниот лидер на Алијанса за Албанците. До ова доаѓа откако крилото Алијанса за Албанците, предводена од Арбен Таравари, го доби судскиот спор за партијата и тој е легитимниот претседател. Иако најави жалба до Апелациониот суд, Села, сепак, решил да формира нова партија.
Тој, во интервју за „Лајм“, рече дека луѓето кои се дел од оваа политичка групација имаат идеали, се вистинити и ќе продолжат заедно да градат една цврста политичка структура. Прашан дали ова значи дека ќе формира нова партија, Села вели:
– Ние не мислиме дека решението е оставка и предавање. Не сум оставил на случајноста, сум ја создал таа нова политичка партија, таа е Албански сојуз, има црвено-црни бои. Идејата на Алијанса за Албанците и нејзината кауза имаат свое продолжение – рече тој.












