четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ШТО Е ОСНОВАТА ВРЗ КОЈА ЌЕ СЕ МЕНУВА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК? Повеќе медиумски...

ШТО Е ОСНОВАТА ВРЗ КОЈА ЌЕ СЕ МЕНУВА ИЗБОРНИОТ ЗАКОНИК? Повеќе медиумски простор за малите партии и независните, замена на згрешените гласачки ливчиња, жалби за изборите да поднесуваат и гласачите…   

Неколку десетини бројат препораките на меѓународните организации што се вградени во работната верзија на Изборниот законик, која почна да ја разгледува меѓупартиската работна група. Најтешко за решавање ќе биде воведувањето нови правила во медиумското претставување на партиите и на независните кандидати во текот на кампањата. По изјаснувањето за препораките на ОБСЕ/ОДИХР, членовите на работната група ќе треба да се договорат и околу изборниот модел, а одлуките треба да се носат со консензус

232

Повеќе простор во медиумите за помалите политички партии, преиспитување на регулативите за платено политичко рекламирање, нови правила за донации, ревидирање на начинот на избор на јавни и државни службеници во изборните органи, можност да се заменуваат случајно згрешените гласачки ливчиња… се само дел од промените што би требало да се најдат во новата варијанта на Изборниот законик. Ова се најбитните препораки што ги дале меѓународните организации ОБСЕ/ОДИХР, а нашето Министерство за правда ги вградило во работната верзија на Изборниот законик, која пред три дена почнала да ја разгледува меѓупартиската работна група. Таа има обврска до јуни годинава да излезе со нови изборни правила, а Министерството неодамна соопшти дека тие препораки ќе бидат „клучен темел за идните измени на Изборниот законик“.

Весникот ВЕЧЕР имаше увид во предложените препораки, кои најмногу се однесуваат на спроведувањето на изборите, на изборот на изборните органи, правилата за водење кампањи, медиумското претставување, па сè до начинот на гласање и жалбените постапки. Во нив нема предлози за промена на изборниот модел, бидејќи тоа е оставено на меѓупартискиот договор што треба да се постигне во работната група. Инаку, како што дознаваме, во работната група е постигнат договор сите одлуки да се носат со консензус, а седниците да се одржуваат доколку е присутно мнозинството од членовите. На претстојните седници, членовите ќе понудат свои предлози врз основа на ваквите генерални препораки и тие ќе бидат основа за евентуален договор околу промената на изборниот модел со воведување една изборна единица наместо сегашните шест, гласање на дијаспората…

Нов список на институции што даваат членови во изборните органи

Подолгата листа со препораки на меѓународните организации започнува со нивниот став дека „властите треба да вложуваат континуирани напори за да се спротивстават на секаков вид притисок врз гласачите и врз вработените во јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи го и купувањето гласови“.

– Јавните институции треба да бидат проактивни во информирањето на јавноста и на државните службеници за независните механизми каде што можат да пријават притисок во врска со изборите, а високите државни функционери треба да дадат јасни јавни изјави и писмени упатства дека нема да се толерираат такви дејства. Правната рамка за водење кампања треба дополнително да се измени и да вклучи јасни правила за учество на државните јавни службеници, вклучително и на социјалните мрежи – се препораки што се додадени во делот на Законикот посветен на користењето на државните ресурси.

Во делот на органите за спроведување на изборите, ќе се бара решение за барањето да се ажурира базата на државните и јавни службеници што се ангажираат во изборните органи, но и да се ревидира списокот со институции од кои вработените се повикуваат да служат во изборните органи.

– Роковите за поднесување и решавање жалби може да се продолжат за да се овозможи соодветна подготовка и рефлектирана одлука. Треба да се размисли за продолжување на роковите за испитување на прекршоците поврзани со изборите и да се обезбедат забрзани постапки за истрага на изборни прекршоци – стои во предложената нацрт-верзија на Изборниот законик.

Работната група ќе треба да најде и соодветни решенија со кои се бара проширување на можноста за поднесување приговори и жалби.

– Правната способност за поднесување приговори треба да се прошири и на гласачите и на набљудувачите на граѓаните. За да се овозможи соодветно време за поднесување и постапување за жалбите, роковите може да се усогласат со меѓународната добра практика – бараат од ОБСЕ/ОДИХР.

Без дискриминација во медиумите

Она што особено се бара како промена е обезбедувањето пообјективни и порамноправни критериуми за платено политичко претставување на учесниците на изборите. Завчера, и Државниот завод за ревизија, по контролата на работењето на ДИК, укажа дека досегашните одредби со кои најмногу – 45 проценти од средствата може да искористат двете најголеми политички партии од власта и од опозицијата во македонското Собрание, а 7 отсто оние партии што немаат пратеничка група и 3 проценти вонпарламентарни партии не обезбедуваат објективни критериуми за распредлеба на државните пари. Околу овој проблем, ОБСЕ/ОДИХР бараат промени.

– Треба да се преиспитаат регулативите за платено политичко рекламирање во медиумите, со цел да се овозможи непречен пристап до медиумите на недискриминаторска основа. Треба да се воспостави јасен механизам за поделба на буџетот меѓу помалите партии и независните кандидати – се наведува во предлогот до меѓупартиската работна група, која ќе треба да понуди ново законско решение.

Министерот за правда, Игор Филков, пак, вчера имаше средба со Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по што беше соопштено дека „АВМУ ќе подготви конкретни предлози со цел да има фер медиумско претставување“.

Барањето на меѓународните организации јавниот радиодифузен сервис МРТ да прететрпи низа реформи, вклучително и промени на постапката за избор и назначување на членовите на Програмскиот совет и намалување на неговата зависност од државниот буџет, не е влезено како предлог во Изборниот законик. Причина е што тие прашања се регулираат со други закони.

– Законските одредби во врска со донациите треба да се ревидираат со цел да се хармонизираат ограничувањата за донации, да се обезбедат транспаретност и ограничување на заемите добиени од политички партии за изборна кампања и да се воспостави механизам за утврдување на пазарната цена на прилозите во натура – се наведува во препораките.
Актуелното решение, инаку, предвидува да може физички лица да им донираат на партиите до 3.000 евра во денарска противвредност, а правните лица до 30.000 евра.

Се бара и промена на односот кон згрешените ливчиња.

– Треба да се разгледа и да се дозволи замена на случајно згрешените гласачки ливчиња – се наведува во работната верзија на Законикот и за што ќе треба да се формулира ново законско решение бидејќи сега не се дозволува тоа. (Б. Ѓ.)

 

Се затвори ли темата за Собрание со 90 пратеници?

Откако премиерот Христијан Мицкоски завчера изјави дека актуелната политичка состојба не дозволува отворање и промена на Уставот за да се донесе посебен закон за Уставниот суд и за институтот уставна жалба, се појави дилемата дали ќе се однесува тоа и на промените што би се побарале во однос на Изборниот законик. Ова се однесува на барањето кое во работната група го изнесоа претставниците на ЗНАМ и со кое се бара намалување на бројот на пратеници во македонското Собрание на само 90. Познато е, со Уставот, тој број е определен меѓу 120 и 140 и евентуален меѓупартиски договор за намалување би значел и потреба за уставна промена.

ИЗДВОЕНИ