Со сослушување сведоци на Обвинителството, во судницата во „Идризово“ продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, каде што лани на 16 март загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Општина Кочани навремено реагирала и се обидела да го спречи отворањето на дискотеката „Пулс“, но институциите не постапиле, тврди сведокот и општински службеник, Драги Илиевски, на судењето за несреќата. Илиевски, кој е раководител на Одделението за уредување градежно земјиште, посочи пред Судот дека објектот се наоѓал во зоната Г2, наменета исклучиво за лесна и незагадувачка индустрија, каде што не е дозволено отворање дискотека.
– Зоните не може да се менуваат… не е направена пренамена на тој објект, ниту може да се промени зоната – рече сведокот, јасно укажувајќи дека објектот функционирал спротивно на урбанистичките правила.
Клучен момент во неговото сведочење беше информацијата дека Општината првично дала позитивно известување за користење паркинг, но откако дознала дека се планира ноќен клуб, го поништила.
– По сознанија дека ќе се отвора дискотека, ние го поништивме тоа известување. Тие паркинзи се за лесна индустрија, а не за дискотеки – истакна Илиевски.
Покрај тоа, Општината презела и дополнителни чекори: побарала од надлежните институции да не се издава лиценца за работа на дискотеката. Тогашниот градоначалник, Ратко Димитровски, се обратил до Министерството за економија, а потоа и директно до Државниот пазарен инспекторат.
– Да, доставено е и до директорот на Државниот пазарен инспекторат. Претходниот градоначалник, Ратко Димитровски, имаше сознанија дека ќе се отвора дискотека или ноќен клуб, има поднесено барање до Министерството за економија за информација дали ѝ имаат издадено на компанијата „Класик“ лиценца за отворање дискотека или немаат издадено. Тоа е на 19.10.2012 година. Ние почекавме одреден период за да добиеме повратна информација за лиценцата, не нè удостоија со повратен одговор и со договор на градоначалникот, јас пишав до директорот на Државниот пазарен инспекторат барање за неиздавање лиценца за дискотека. Причините кои беа, ние го поништивме решението за паркинг-место, овие паркинг-места се наменети за лесна индустрија, таму немаме А1 или А2 или други зони – наведе Илиевски.
Илиевски посочи дека сознанијата за отворањето на дискотеката не биле формални, туку произлегле од информации во јавноста.
– Се зборуваше во градот… па се прашавме како може да се отвора дискотека на тој локалитет – рече тој.
Сепак, тој нагласи дека неговиот сектор нема инспекциски надлежности и не можел да преземе понатамошни мерки откако почнал објектот да работи.
Во текот на вкрстеното испитување, одбраната се обиде да го релативизира сведочењето, посочувајќи дека не постои доказ дека инвеститорот го примил известувањето за поништување на дозволата за паркинг. Дополнително, беше нагласено дека Општината дава само мислење, додека конечната дозвола за користење паркинг ја издава Министерството за внатрешни работи.
Сведокот потврди и дека објектот бил изграден со техничка документација за лесна индустрија, додека за други објекти во зоната што вршат различна дејност постојат посебни пренамени или маркички. Дел од прашањата на Обвинителството не беа дозволени од Судот, со образложение дека сведокот веќе ги појаснил надлежностите и дека неговиот сектор нема инспекциска улога.
На минатото рочиште беше сослушан сведокот Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во ДЗС, кој изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски контроли во општините во кои нема инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција.
Судењето за трагедијата во „Пулс“, која се случи на 16 март 2025 година, продолжува со сослушување на нови сведоци преку кои Обвинителството се обидува да ја утврди одговорноста за системските пропусти на обвинетите што довеле до една од најтешките несреќи во поновата историја на земјава.












